Култура Комисија за култура на ВМРО - ДПМНЕ

Националните установи како центри за купување социјален мир: Фиктивни автори за неефективни средства, реномираните Фестивали фрлени на маргините

Објавената Годишна програма за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2024 година во драмската дејност е лошо продолжение, јасна слика на безидејноста и доказ за немањето елементарна стратегија на Министерството за култура, велат од Комисијата за култура на ВМРО – ДПМНЕ .

НАЦИОНАЛНИТЕ УСТАНОВИ КАКО ЦЕНТРИ ЗА КУПУВАЊЕ СОЦИЈАЛЕН МИР, ФИКТИВНИ АВТОРИ ЗА НЕФИКТИВНИ СРЕДСТВА, РЕНОМИРАНИТЕ ФЕСТИВАЛИ ФРЛЕНИ НА МАРГИНИТЕ

– по повод објавените конкурсни резултати во драмската дејност

Објавената Годишна програма за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2024 година во драмската дејност е лошо продолжение, јасна слика на безидејноста и доказ за немањето елементарна стратегија на Министерството за култура.

Шеснаесетте национални установи од областа на културата чија примарна дејност е драмската дејност наместо извор на креативни и репрезентативни центри на македонскиот театар се претвораат во установи за купување на социјален мир и раскусурување на политичките коалициски договори. Одобрените 50 проекти (или во просек по 3,125 по национална (установа) ниту од далеку не можат да го исцрпат креативниот потенцијал на овие установи. Од понудените 50 проекти, само 4 се праизведби на современи македонски драмски текстови што јасно укажува на негрижата за современата македонска драма. И кога на ова ќе се додаде податокот дека во просек секој проект е финансиран со приближно 720 000 денари, средства кои ни приближно не ги задоволуваат потребите дури и на наједноставните и најсиромашните театарски продукции, ќе се добие комплетната слика за бездната во која е фрлен македонскиот театар.

Очигледен е недостатокот на концепт и хаотичноста во финансирањето на проекти на Здруженија на граѓани и физички лица од независната сцена. Прегледот на финансираните 53 проекти експлицитно посочува на потребата за задоволување на што е возможно поголем број на апликанти, што е одлика на владеењето на СДСМ во изборна година, на сметка на квалитетот на избраната програма.

Исто така, забележлива е тенденцијата на понудени проекти чии автори едноставно не постојат или се измислени или пак, во прашање е нешто сосема друго? Затоа, јавно прашуваме – Дали оваа Влада, ова Министерство и овој министер, јавно прокламираат одобрување на проекти на фиктивни автори само за да се избегне плаќањето на авторските права? Затоа јавно замолуваме да ни објаснат, чиј е, на пример, драмскиот текст „Детектор на лаги” и кој е тој автор Василиј Витанов? Дали можеби се работи за драмскиот текст “Детектор на лаги” на Василиј Сигарев?! И како мислат да бидат исплатени авторските хонорари со одобрена сума од 337.000 денари и со остатокот од оваа сума да се продуцира театарска претстава?

Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ укажува дека постои нејасна, но видллива тенденција на изедначување на веќе постоечки и реномирани театарски фестивали и манифестации со повеќегодишно фестивалско портфолио со фестивали и манифестации кои се формирани, веројатно наменски, оваа или минатата година. Со ова драстично се намалуваат средствата за нормално организирање на реномираните фестивали и манифестации.

Меѓународното претставување на македонскиот театар и годинава ќе биде скудно и во рамките на скандалозното и тенденциозно уништување на македонската култура и театар за време на владеењето на СДСМ и нејзините неспособни и некомпетентни кадри. Финансирање, пак, за реализација на фестивал во Косово во соработка со НУ Албанска драма Скопје е скандал без преседан во историјата на македонската држава.
Театарот е моќна уметност која се обидува јасно да ја претстави сликата на времето во кое егзистира. Сликата на нашата сегашност е поразителна.

Но, #Важно е да предочиме дека во многу блиска иднина овие безумни постапки ќе бидат минато!

To top