Култура Реакција на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ

КОНКУРСНИТЕ ТРОШКИ НА „СТРУЧНАТА“ КОМИСИЈА ЗА ИЗДАВАШТВО „Сите сме еднакви, но некои се поеднакви од другите“

Министерството за култура и министерката не сакаат да ги чујат бројните реакции на културните оператори, на непосредните творци и на сите оние кои посочуваат отсуството на елементарни вредносни критериуми според кои се распределени парите на граѓаните на скандалозни проекти.

КОНКУРСНИТЕ ТРОШКИ НА „СТРУЧНАТА“ КОМИСИЈА ЗА ИЗДАВАШТВО „Сите сме еднакви, но некои се поеднакви од другите“

После намалувањето за 40% на средствата за издавачка дејност со ребалансот на буџетот за 2022 година и оставањето на истата сума за буџетите за 2023 и 2024, слободно може да се констатира дека оваа влада и министерката која го предводи Министерството за култура направија незапамтена штета на издавачката дејност, а со тоа и на културата воопшто, велат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

-Со двете претходни годишни програми впечатливо е влошена состојбата во издавачката дејноста. Министерството за култура и министерката не сакаат да ги чујат бројните реакции на културните оператори, на непосредните творци и на сите оние кои посочуваат отсуството на елементарни вредносни критериуми според кои се распределени парите на граѓаните на скандалозни проекти.

Единствениот критериум кој доследно се почитува при распределбата на средства, низ годините на владеењето на СДСМ и ДУИ, е заедничкиот интерес и блискоста. Доделените средства повеќе наликуваат на ордени на градите на шарените првоборци отколку на показател на вредноста на издавечкиот проект. Доволно е да се погледнат имињата и сумите со кои се поддржани „блиските по идеологија“ писатели, а оние потврдени, но неподобни автори добиваат некакви смешни и навредливи суми. И тоа стана сосема очекувано и предвидливо низ годините. Впрочем затоа, и покрај бројните укажувања, докрај се криеја комисиите составени од некакви опскурни лица непознати во книжевната и културната јавност. Да имаа кредибилитет и доблест нивните имиња ќе се откриеја заедно со конкурсните резултати, а не неколку дена подоцна, кога јавноста гласно го побара тоа, повикувајќи се на фактите дека конкурсот е јавен, дека проектите се од јавен и национален интерес, а парите се народни.

Немањето мерила и критериуми е јасна реалност, на прв поглед. За нив, не е важно за каков проект се работи. Важни се само блискоста, полтронството и напластените „шарени“ заслуги. Носителите на овие епитети добиваат повеќе, а на оние другите, им се фрлаат трошки додека од позадина се слуша гласот на незнајните „стручни“ комисии кои упорно нѐ убедуваат дека сите сме еднакви, но некои се поеднакви од другите.

Тука се и етно-партиските критериуми при делењето на пленот. Навикнавме на ова, нели? Но, барем да нема скандалозни проекти кои се поддржани. Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ ги прашува „стручната“ комисија и министерката која се потпира врз таа стручност – за кој и за каков национален интерес станува збор кога се поддржува книга во која се глорифицира дејност против македонскиот народ и Македонија? Зарем Бисера Костадиновска Стојчевска со своја рака ќе потпише за книгата „Абдулќерим Саити – интелектуалец и националдемократ од Охрид“ која претставува глорификација на изразит шовинист кој се бори против македонската држава, истата онаа држава за која се бори дедото на министерката?

Од целокупната листа со поддржани проекти не може да се види ниту јасна насока, ниту критериум, никаков концепт или замисла околу тоа што е национален интерес. Досега комисиите јавно не се огласија за да одговорат на бројните прашања од јавноста. Наместо да се кријат, членовите на комисијата треба јавно да ги покажат своите компетенции и да го бранат својот избор пред критики од апликантите и од јавноста. Никаде не објаснија зошто на потврдени македонските автори им се потфрлени потценувачки средства? Јавноста не знае, а треба да знае, колку и какви преводи се поддржани? Каква е структурата и соодносот на поддржаните книжевни родови? Комисиите треба да објаснат – според кој критериум некои институции за исти настани се десеткратно повеќе поддржани од други? На пример, Музејот на албанската азбука во однос на Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид, кој за одбележувањето на „Прличевите беседи“ добива понижувачка сума и покрај тоа што Прличев е значаен за македонската, но и за другите балкански литератури. Членовите на Комисијата и министерката за култура треба да објаснат – зошто со мизерни суми се поддржуваат книгите за деца од домашни автори? Веројатно Комисиијата со својата „стручност“ не може да согледа дека со таквата погубна конкурсна политика нема да се создаде нова читателска публика, а со тоа ќе се уништи и иднината на македонското издаваштво.

Одговори нема да има. Ќе се кријат во сопствениот молк, замижувајќи пред пустошот што го оставаат. А кога наскоро ќе заминат, потребна е јасна, темелна и сеопфатна реформа во издавачката дејност.

Централна комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ

To top