„Гледна точка“, најновото дело на режисерот и прв човек на ТВ Алфа, Јани Бојаџи, е пополнување на една голема празнина во македонската кинематографија, во која протекуваат најголемите имиња во светот на филмот, низ цитати на нивни пишани дела или филмови. Воедно, ова е дел од истражувањата за неговата докторска дисертација, еден вид, како што самиот вели – не само егзалтација на вообичаени уметнички и философски пориви на уметникот и професор Јани Бојаџи, туку, безмалку белетристика, обична книга, ослободена од фусноти, од преднамерена ученост. КУРИР разговараше со авторот кој открива дека литературата за филм, за театар, за сликарство, за сите други применети и сценски уметност, за жал, е вистинска реткост во Македонија.
Курир: Деновиве е промоцијата на вашата нова книга, за што се работи?
Бојаџи: „Гледна точка“ е книга за филмот, за светот на подвижните слики, погледната низ инструментите и средствата за работа на режисерот, за кого сите знаат се, освен тоа: што точно работи тој човек!? „Гледна точка“ е настаната како обид да се објасни, да се демистифицира, да се приземји оној „творечки бог“ во светот на подвижните слики – режисерот на филмот.
Самата книга е составена од неколку научни труда, на ниво на истражувања кои ги работев во последните четири-пет години, а сум ги објавувал во научни списанија во светот. А еден поголем дел, можеби телото на книгата, третманот, кажано со јазикот на филмот е мојата докторска дисертација која ја работев пред неколку години. И една сосема нова глава, посветена на кинематограферот и директорот на фотографија како средство за работа на режисерот во уметноста на филмот.
Но, се’ на се’, се потрудив „Гледна точка“ да не биде само научен труд, да не биде определена егзалтација на вообичаени уметнички и философски пориви на уметникот и професор Јани Бојаџи, туку, безмалку белетристика, обична книга, ослободена од фусноти, од преднамерена ученост.
Курир: Има ли недостиг од ваква, еден вид стручна литература во Македонија?
Бојаџи: О, да! Иако, во последните 20 години во Македонија, на македонски јазик е објавена речиси сета светска класика и модерна, на неделно ниво се издаваат сите бестселери на светот, а македонските писатели пишуваат како никогаш досега одлична литература во сите жанрови, на сите теми, со јазик кој се разви на светско ниво, мислам на литературниот македонски јазик, а читателската публика никогаш не била поголема од овој момент сега, сепак мора да се соочиме со фактот дека литературата за филм, за театар, за сликарство, за сите други применети и сценски уметност, за жал, се реткост!
Ние не се потрудивме на Македонците низ преводи да им ги претставиме животите на најголемите актерски и режисерски имиња во светот на филмот, од Чарли Чаплин до Квентин Тарантино. Иако сите, ама сите големи актерски и режисерски имиња имаат блескави авторизирани биографии или белетристички изданија од кои, во суштина најмногу се учи! Ние немаме преводи на најважните пишани работи за филмот, од Ејзенштанј и Пудовкин, преку Грифит, Бергман, Фелини или Спилберг, Кончаловски, Михалков, Форман и Скорцезе. Убеден сум дека Агенцијата за филм, треба да оддели средства за финансирање на посебна едиција на литература од филмот и за филмот. Во овој смисол, „Гледна точка“ е пополнување на една голема празнина во македонската кинематографија, во која протекуваат најголемите имиња во светот на филмот, низ цитати на нивни пишани дела или филмови.
Курир: Ќе им помогне ли идните генерации вљубеници во создавањето на филмска уметност?
Бојаџи: Само за тоа немам дилеми! Моите истражувања, а и самата дисертација настанаа како потреба на студентите на универзитетот „Еуропа прима“како на еден синтетизиран, наративен и во еден дел забавен начин, да им ги откријам инструментите и средствата за работа на режисерот во уметноста на филмот, на студентите и постдипломците!
На почетокот мислев дека проблемот да се дефинира „што точно и зошто точно го прави тоа што го прави еден режисер“ во уметноста на филмот е потреба само на студентите по режија. Но многу брзо открив дека со истиот проблем се соочуваат и студентите по сценаристика, камера, монтажа, актерство и секако најважниот сегмент – продукцијата, маркетингот и промоцијата на авторот и неговото дело. Сите патишта кои имплицираа проблеми во практичната работа водеа кон режисерот, како креатор на сите проблеми. Логично беше да се постави како теза, а подоцна и да се одбрани таа теза, дека единствен пат за излез од таа состојба е оној што генерира проблеми, да престане да ги прави преку категорично разбирање за тоа што го прави!
Така, настана дисертацијата од која подоцна ја адаптирав ова книга. Да, првенствено наменета за студентите, но и воопшто за сите професионалци во филмската и телевизиската индустрија. Јас сум убеден дека единствената инвестиција која може да ни донесе нешто во иднината е инвестицијата во младите, во студентите и во скоро дипломираните режисери, кинематографери, монтажери, продуценти и филмски уметници. Затоа, се што правиме во овој момент во Алфа Телевизија и во нашите продукции е фокусирано на тоа како да ги задржиме младите овозможувајќи им простор за работа, за творештво. За идеалаизам, ако сакате! Во тој смисол, Алфа Телевизија во овој момент е супституција, определен вид на заменска, можеби младинска агенција за филм и телевизија! И многу сме горди на тоа!
Ние во овој момент продуцираме 4 краткометражни дипломски филмови на студенти по режија, а дополнително подготвуваме два кратки и еден дебитантски долгометражен игран филм, а сите тие млади професионалци се вклучени во фазата на развој и предпродукција на играна серија и теленовела. Сакаме да им покажеме дека патот е низ работа. Низ труд. Низ она што Анатолиј Ефрос го дефинира како посветеност на тоа постојано да се обидуваме, да љубиме да пробуваме! Во светот на вистинската уметност има еден пат – патот на обиди! Некогаш успешно, а некогаш не. Така, во еден дел, „Гледна точка“ е споделено теоретско искуство за уметноста на правење на филм.
Курир: Како би ги оцениле состојбите во македонската кинематографија?
Бојаџи: За жал, македонскиот филм е заробеник во ореова лушпа, како што се себеопиша кутриот Хамлет! Целата кинематографија која имаше навистина молскавичен развој во периодот од 2008 до 2017 година, беше застанат со промената на власта пред седум години! Агенцијата за филм, која беше генераторот на тој развој, стана заробена институција на Друштвото на филмски работници и неколкумина деца на црвената буржуазија. Тоа се луѓе кои себе си во светот на филмот се проектираа како некаква аристократија која има стекнато право да определува што е уметност а што не! Дека тие имаат право да судат кој е уметник а кој не! Во тој налет на човечка злоба и салиериевска завист настрадаа најмладите. Настрада иднината на македонскиот филм и телевизија!
За жал многу талентирани режисери беа попречени да ги направат своите дебитантски филмови и да се претстават на Македонија и на светот со своите идеи и творечки пориви. И се откажаа од филмот. Агенцијата за филм е во долгови, кои според некои информации достигаат до апокалиптични 25 милиони евра!
Ќе треба да се направи се оние кои ги создадоа овие состојби да бидат посочени и да одговараат за ова катаклизма! Јас друго и не очекувам! Затоа што не само мојата, туку надежта на секој Mакедонец е во воспоставувањето на владеењето на правото и овозможување на правда за онеправдените! Нема да биде лесно да ја убедиме владата на партијата која ја прероди македонската кинематографија пред двесет години повторно да инвестира во филмот и телевизијата. Ќе биде многу комплицирано да ги убедиме дека нема да се повторат истите криминали што беа направени во изминатие седум години! И дека треба да ни веруваат! Затоа што изгубената доверба е она што најтешко се враќа.
Во тој смисол треба да бидеме трпеливи и полека, чекор по чекор да ги градиме односите со општеството кое заради поединци, ја изгубила општата доверба во сите. Единствен начин за враќање на таа доверба се делата. И покрај катастрофалната финансиска ситуација во која се наоѓа Агенцијата за филм, мора да продолжиме да создаваме дела!
Времињата на лесна работа и огромна лична заработка на грбот на целата индустрија од неколку поединци треба да ги заборавиме! Сите мои колеги што велат дека не е лесно, дека има многу проблеми, мора да ги потсетам дека не е лесно и во земјоделството, во здравството, во градежништвото, во финансискиот сектор и во индустријата! А таму секој ден гледаме дела и достигнувања. Оти и тие луѓе во тие дејности живеат и создаваат дела тука, со нас уметниците! Јас верувам само во посветеноста, во трудот и во работата како единствен предуслов за дела. Ќе се повторам – филмот е аргатска работа! Кој не е подготвен на многу труд, на многу работа, треба да си бара друга професија.