Култура „Песна над песните“

„Ацо Шопов – Невообичаено“ – за македонскиот класик од еден друг досега непознат агол

До крајот на годинава, предвидени се уште неколку настани посветени на ликот и делото на македонскиот класик

„Ацо Шопов – Невообичаено“ – за македонскиот класик од еден друг досега непознат агол

Под наслов „Ацо Шопов – Невообичаено“ синоќа во Кинотеката во Скопје со промоција на три книги и проекција на анимирани филмови, и поставување две изложби му беше одадена почит на делото на овој макeдoнски класик во годината кога се чествува еден век од неговото раѓање.

Во преполната сала на Кинотеката во Скопје, во присуство на претседателот на државата Стево Пендаровски, кој е покровител на националната иницијатива „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, како и на претставници на бројни културни, научни институции и на дипломатскиот кор, беа промовирани три нови и, во својот вид, пионерски книги  „Од онаа страна на Небиднината“ („Дијалог“) од Иван Антоновски, „Песна над песните“ („Сигмапрес“) приредена од Јасмина Шопова и графичкиот омнибус „Небиднина – Not-Being“ („Флип Бук Букс“) од Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски. Книгите се објавени со поддршка на Министерството за култура, на Делегацијата на Европската Унија и на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“.

Во својство на претседател на Фондацијата, Светлана Шопова во својот емотивен говор изрази задоволство што јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, нејзиниот животен сопатник, се чествува на достоинствен начин, со настани со богати содржини, со три книги објавени во странство и сега уште три објавени во земјава.

– Ацо беше голем поет и голем човек, голем патриот и голем граѓанин на светот. За него татковината беше „светот во минијатура, а светот една поширока татковина“. Тоа се препознава во секој негов напишан збор, па затоа и годинава, тој се чествува по сите меридијани, од Македонија до Американскиот континент, преку Франција, Полска, Тунис, а се разбира и во нашиот регион, од Словенија до Турција, преку Хрватска, Унгарија, Србија… , вели Шопова.

Таа се задржа на етичкиот интегритет на човекот и творец Шопов, потсетувајќи на неговите дамнешни зборови, кои, како што нагласи, и денес одекнуваат со сета своја актуелност: „Сакам и настојувам да ја откријам (…) смислата и целта на човековото постоење во нашето време, на сè она со што се одредува човекот на денешницата, сè што е возвишено и загрижувачко, сите полети и падови, сите спогодби и раздори што човекот ги чини во себе и со себе но и како човек со човекот, генерација со генерацијата, луѓе со луѓето. Разликите се големи, понекогаш изгледаат непремостливи, но нам ни е пресудено да бидеме заедно, ние стануваме свесни за таа неминовност, чекориме низ својот живот стремејќи се да се најдеме себеси, а ги откриваме другите, чекориме низ туѓиот живот за подобро да го запознаеме, а се откриваме себеси, и така (…), со горко но чесно сознание дека тешко може да се согледа крајот на тоа патување, доаѓаме до некој гребен на човечноста…“.

Светлана Шопова му е соговорник на Иван Антоновски во книгата „Од онаа страна на Небиднината“, во издание на „Дијалог“, на чија корица доминира луцидниот поглед на Шопов, овековечен во неговиот портрет од реномираниот македонски сликар Танас Луловски.

Универзитетката професорка и книжевна критичарка Лидија Капушевска-Дракулевска, за оваа книга ќе каже дека е прослава на дијалогот низ кој се исцртува портретот на Шопов, од еден друг агол досега непознат, од една внатрешна перспектива.

– Невообичаена, но искрена, „отворена“ книга, клучна за чување и негување на меморијата не само на Ацо Шопов, туку и на еден мошне значаен период од нашата културна историја. Оваа книга е редок и скапоцен дар со кој на читателите им се нуди книжевна, културна и општествена авантура од најпрефинет вид, нагласи Капушевска-Дракулевска.

Според авторот Антоновски, со „Од онаа страна на Небиднината“ по првпат се доаѓа до можни одговори на многу досега само отворени прашања и дилеми, затоа што се истакнуваат и се согледуваат факти што некогаш биле „закопани во длабока тишина“ за таа сама да ги рече, но за кои, вели, тогашната општествена и културната стварност се оглуши.

– Оваа книга се случи токму како резултат на обид за „откопување на закопаното во тишината“. Но, сега сме пред нов предизвик – дали тие факти, повторно ќе ги закопаме во тишината или ќе ги искористиме во натамошните исчитувања и во истражувањата за нашата книжевна и културна историја, порача Антоновски.

За „Песна над песните, втората промовирана книга вечерта, проф. Маја Бојаџиевска, теоретичар на книжевноста и главен уредник на издавачката куќа „Сигмапрес“ која го објави овој несекојдневен избор, ќе каже дека не е само уште еден стандарден избор од поезијата на Ацо Шопов, туку студија за неговиот opus magnum и непроценлив прилог кон херменевтиката на македонската културна историја.

-Вкоричени меѓу суптилниот портрет на поетот од Оља Ивањицки и ракописот на досега необјавените стихови од „Голема е твојата песна“, страниците на „Песна над песните“ отвораат можност за ново читање на делото на Шопов. Тие нудат една глобална слика за поетот кого сите го познаваат како „нежен лиричар“, а чие творештво всушност има далеку пошироки граници, ќе рече Јасмина Шопова, приредувач на книгата.

„Песна над песните“ и „Од онаа страна на Небиднината“ беа претставени и преку прекрасната уметничка интерпретација на Софија Гогова-Врчаковска и на Емил Рубен, која на најубав начин ги илуструраше зборовите на авторите и на промоторите на овие книги.

Третата промовирана книга всушност претставува графички омнибус „Небиднина – Not-Being“, од Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски.

– Подвижните и звучни слики од омнибусот „Небиднина“ сега се укотвија на страниците на истоимената двојазична графичка книга, која се обраќа на истата, но и на една нова публика, проширувајќи го опсегот на ова поливалентно уметничко дело…Со овие филмови, кои се и првите во Македонија со поетска инспирација, годинава во август се отвори Флипбук фестивалот на анимиран филм, кој помина во знакот на Шопов. Публиката извонредно добро ги прими, ми се чини токму затоа што ние, авторите, не се определивме за буквална илустрација на песните – што впрочем не би ни било можно во случајот на Шопов – туку за една современа и оригинална интеракција со неговарта поезија, рече Иванов, кој е и основач на фестивалот и на издавачката куќа „Флип Бук Букс“.

Во фоајето на Кинотеката, присутните имаа можност да разгледаат и две изложби кои досега не ѝ биле претставени на пошироката публика во Скопје: „Патот по кој чекорам“, промовирана годинава во УНЕСКО, на 21 март, Светски ден на поезијата, и „Величенствен поетски мост што ги поврзува сите континенти“, промовирана на овогодишните Струшки вечери на поезијата, како дел од омажот што фестивалот му го посвети на својот прв претседател во далечната 1962 година.

Иако имаат потполно различен пристап и различно техничко обликување, и двете изложби ги отсликуваат истите хуманистички идеи и идеали на кои Ацо Шопов им го посветил сиот свој живот, преку поетското творештво и општествениот ангажман.

Пред овој настан во Кинотеката, јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов беше одбележан со извонредно богата меѓународна програма на значајни организации и институции како УНЕСКО, МАНУ, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, неговиот роден град. Со ентузијазтичкиот проект на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, во јули годинава се одбележаа во ист креативен здив јубилејот на Шопов и комеморацијата на земјотресот од 1963 година.

До крајот на годинава, предвидени се уште неколку настани посветени на ликот и делото на македонскиот класик, а на 20 декември, роденденот на Шопов, а чествувањето ќе се заокружи на уште еден невообичаен начин – неговите „Молитви на моето тело“ ќе заживеат на сцената на Националната опера и балет.  (МИА)

To top