Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) упати честитки денеска до актуелниот шампион Шкендија за успешниот настап во групната фаза во Лигата на конференции (ЛК) и пласманот во нокаут фазата во третото по ранг европско клупско натпреварување.
-Успехот на Шкендија е резултат на професионалниот пристап, тимскиот дух и амбицијата за докажување на меѓународната сцена, а воедно претставува и значаен придонес за промоција на македонскиот клупски фудбал во Европа, објави ФФМ.
Шкендија е првиот македонски клуб во историјата кој обезбеди „европска пролет“ и настапот во ЛК ќе го продолжи на 19 февруари идната година кога на домашен терен ќе го пречека полски Лех Познањ или турски Самсунспор во првиот натпревар од шеснаесетфиналето.
Противникот на Шкендија ќе биде познат по жрепката на 16 јануари.