Цените на гасот во Европа денеска повторно се зголемија и го достигнаа највисокото ниво од јануари 2023 година. Растот на цените е поради одлуката на Русија за пренасочување на гасот од европските на азиските пазари и пред забраната за увоз во Европска Унија.
Мегават-час гас за испорака во април утрово на референтната холандска дигитална берза ТТФ се тргуваше за 62,51 евра, што е за околу 17 проценти поскап отколку на затворањето на тргувањето на крајот од минатата недела. На самиот почеток на денешната трговија, неговата цена се искачи на 68,63 евра.
Во споредба со последниот ден на тргување во февруари, пред нападот на САД и Израел врз Иран, цените на гасот моментално се речиси двојно повисоки, достигнувајќи го највисокото ниво од јануари 2023 година.
Цените на гасот се зголемија по американско-израелскиот напад врз Иран на 28 февруари, по што уследија нападите од страна на Техеран врз американските бази во државите во Персиски Залив, а иранската армија во меѓувреме забрани поминување на бродови поврзани со САД, Израел и европските земји низ Ормутски Теснец.
На 4 април компанијата „КатарЕнерџи“ ги извести купувачите дека поради „виша сила“ повеќе нема да може да испорачува течен природен гас (ЛНГ) по договорените услови. Катар произведува околу една петтина од светскиот природен гас и е на второ место на листата светски извозници, по САД.
Европска Унија го запре увозот на руски гас преку гасоводите, а планира да ја прекине на набавката на ЛНГ. Во моментот гас се набавува главно од САД, Норвешка и Катар.
Владата на Русија на 6 март соопшти дека дел од природниот течен гас наменет за европските пазари ќе го пренасочи кон купувачите од Азија, пред во ЕУ да стапи во сила забраната за увоз на руски гас.