Регулаторната комисија за енергетика утре ќе одлучува за новите цени на нафтените деривати. Минатата недела цените на бензините остнаа непроменети, а дизел горивото поскапе за 1 денар.
Нападите меѓу Иран и Израел влијае на цената на нафтата на светските берзи. Во петокот американската нафта порасна за 7,26 отсто, достигнувајќи цена од приближно 72,98 долари за барел, додека Брент суровата нафта – глобалниот репер – се искачи за 7 проценти, на околу 74,23 долари. Во петокот, двата индекса бележеа скок од 14%, односно 13%.
Ова е најголем дневен раст на цените од март 2022 година, неколку недели по почетокот на руската инвазија на Украина, и најголем неделен пораст од октомври 2022 година.
Дека војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија, пред два дена предупреди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.
-Апсолутно ќе има влијанија, да видиме како ќе се одрази во следните денови. За следната недела не верувам дека ќе има некое драстично влијание кога ќе ја носиме одлуката, но понатаму доколку продолжи ваквиот тренд на високи цени на нафтените деривати. Апсолутно дека ќе има влијание и на цената која што ќе ја плаќаат корисниците во Македонија, изјави Бислимовски во петокот.
Ова се актуелните цени на горивата во Македонија:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 38,486 (денари/килограм)