Шестдневниот штрајк на германските машиновозачи, кој почна денеска, може да предизвика штета на економијата од околу една милијарда евра, изјави Михаел Гремлинг, раководител на Одделот за анализа на конјуктурниот развој на Институтот за германска економија (IW).
„Доколку производството се намали или прекине поради логистички проблеми со испораката на стоки или суровини, штетата би можела да изнесува 100 милиони евра на дневна основа“, додава Гремлинг.
Во случај на најавениот шестдневен штрајк, трошоците не би растеле линеарно, туку делумно би се мултиплицирале.
„Тука сме многу брзо до штета од една милијарда евра“, додава Гремлинг.
Штрајкот нема да ги погоди само германските железници, туку и многу компании кои транспортираат стоки или неопходни суровини со железница.
Последиците ќе ги почувствуваат и соседните земји со оглед на тоа што дури 60 отсто од вкупниот товарен сообраќај на германските железници се превезува низ Европа.
„Германија е логистичкото срце на Европа“, посочува Томас Пулс од Институтот за германска економија.
Германските машиновозачи повторно стапија во штрајк во два часот по полноќ, кој, како што претходно беше најавено, ќе трае до понеделник навечер.
Ова е веќе четврта акција на синдикатот ГДЛ, кој одби нова понуда за зголемување на платата, која во петокот му ја достави железничкиот оператор „Дојче бан“.
На штрајкот на германските машиновозачи, еден од најголемите досега, се приклучија и машиновозачите на товарните возови.