Глобалната економија ќе забележи скромен раст во следните две години поради ладење на активностите во САД, стабилизацијата во Европа и посилната потрошувачка и извоз во Кина, но ризиците на тој пат се многубројни, објави во вторникот Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
ММФ предупреди во ажурирањето на Светската економска перспектива (WEO) дека моментумот во борбата против инфлацијата се забавува, што може дополнително да го одложи намалувањето на каматните стапки и да го зголеми притисокот од силниот долар врз економиите во развој, пишува Ројтерс.
ММФ ја задржа прогнозата за раст на глобалниот реален бруто-домашен производ за 2024 година непроменета од април на 3,2 отсто и ја зголеми прогнозата за 2025 година за 0,1 отсто на 3,3 отсто. Прогнозите не покажуваат поместување од слабите нивоа на раст опишани од директорката на ММФ Кристалина Георгиева како „млаки дваесетти“.
Ревидираната прогноза одразува одредени промени меѓу главните економии, при што прогнозата за раст на САД за 2024 година е намалена за 0,1 отсто на 2,6 отсто, како одраз на побавните трошоци од очекуваните во првиот квартал. Прогнозата за раст на САД за 2025 година беше непроменета на 1,9 отсто, забавување предизвикано од заладувањето на пазарот на трудот и поумерените трошоци како одговор на затегнатата монетарна политика.
ММФ значително ја зголеми својата прогноза за растот на Кина во 2024 година на пет отсто, што одговара на целта на кинеската влада за оваа година, од 4,6 отсто во април, благодарение на закрепнувањето на приватната потрошувачка и силниот извоз во првиот квартал. ММФ, исто така, ја зголеми прогнозата за раст на Кина за 2025 година на 4,5 отсто од 4,1 отсто во април.