Економија не се очекува промени на цената на струјата

До крајот на април предлог до Владата за универзален снабдувач со електрична енергија

Бектеши повтори дека до 1 јули ќе нема никава измена во делот на утврдување на цените по блокови, потсетувајќи дека двапати годишно се утврдува цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи.

До крајот на април предлог до Владата за универзален снабдувач со електрична енергија

До крајот на април е рокот за одлука за најповолната доставена понуда на повикот за избор на универзален снабдувач со електрична енергија и предлогот да биде доставен до Владата, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тој не очекува промени на цената на струјата и по 1 јули кога треба да има нов универзален снабдувач, како што вели, имајќи ги во предвид сегашните параметри и стаблизираната енергетска состојба.

-За универзалниот снабдувач се добиени три понуди, постапката е во тек, комисијата работи и има рок да донесе соодветна одлука до крајот на април за да и предложи на Владата. Граѓаните секако дека ќе имаат универзален снабдувач во предвидениот рок, рече Бектеши на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Бектеши повтори дека до 1 јули ќе нема никава измена во делот на утврдување на цените по блокови, потсетувајќи дека двапати годишно се утврдува цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи.

Каква ќе биде одлуката од 1 јули натака, посочи дека во моментот не може никој да знае бидејќи треба да се видат влезните параметри во првите шест месеци од годината.

– Но, енергетската криза во нашата држава е целосно стаблизирана, редовно се одвиваат сите заложби на енергетските компании и другите вклучени и затоа не очекуваме да има зголемување на цената и од 1 јули имајќи ги во предвид параметрите што ги имаме во моментот и тоа што беше претходно ако го споредуваме со тоа што го имаме во моментов во енергетскиот сектор, рече Бектеши.

Во однос на поплаките за испорачани превисоки сметки, посочи дека цените во блоковите се многу транспарентни и објавени од Регулаторната комисија за енергетика и не верува дека има зголемување на цените повеќе од тоа што се утврдени. – Ако сметаат дека има некоја грешка или злоупотреба граѓаните секогаш имаат право на жалба до РКЕ, наведе Бектеши.

На јавниот повик за избор на универзален снабдувач, понуди доставија ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител, и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата, со понудена маржа од 11,4 отсто, ЕСМ продажба ДООЕЛ Скопје со 11,4 отсто, како и група понудувачи ЕДС АД Скопје, ПАН ИНТЕРТРЕЈД ДОО Скопје, чија понудена бруто маржа изнесува 11,45 отсто.

Според процедурата, по евалуацијата на економско-финансиската и на техничката способност на понудувачите, економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација ќе бидат поканети да учествуваат на негативно наддавање преку електронска аукција, пришто како почетна вредност ќе се земе најниската од понудените маржи на економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација. Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде поканет да го потпише Договорот за универзален снабдувач со електрична енергија.

Најнови вести од Економија

To top