-Задоволство ми е во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое име, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, Вам, на Светиот архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на православните верници и на сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот. Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност, чекор кој води кон светла цел. Заедничкото добро, е благословена човекова определба, и тоа може да се постигне само ако се почитуваат основните постулати на кои упатуваат бројните примери низ историјата, се наведува во честитката.
Особено, како што се посочува, во денешен контекст, кога човештвото и светот секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици кои се закана по животот, мирот, здравјето и менталната благосостојба, потребни се повеќе од кога било пораките на надеж, единство и верба во тоа заедничко добро, засновано врз практикувањето на универзалните вредности како што се хуманоста, солидарноста, одговорноста и взаемната почит.
-Вашата улога има голема одговорност и јас Ви посакувам мудрост во исполнувањето на благородната мисија. Ви пожелувам празникот да го поминете во добро здравје, спокој во душата и среќа меѓу саканите, а со разбирање, меѓусебна почит и обединети, да продолжиме да ја унапредуваме Република Северна Македонија и да обезбедиме благосостојба денес и за идните поколенија, стои во честитката од техничкиот премиер Џафери до поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан.