Репрезентацијата на Германија има сериозни амбиции на Европското првенство на кое се домаќини. Во првата рунда демонстрираа сила и убедливо ја совладаа Швајцарија, а веќе во втората следи мечот против Македонија во Берлин.
На денешниот брифинг очекувањата за натпреварот против македонскиот колектив го изнесе левото крило на Кил, Руне Дамке.
Ќе биде тешко, за Македонија ова е последна шанса да се пласира понатаму. Тие ќе играат борбено како и секогаш. Навистина мора да бидеме трпеливи бидејќи ќе има борба до последните секунди од мечот. Мора да го искористиме квалитетот кој го поседуваме. Македонија одигра добро против Франција, со нов систем и стил на игра. Беа успешни во тоа, очекувам да биде и за нас тешко да го решиме тоа што ќе ни го пружат тие како ривали. Мора да видиме дали дефанзивата ќе ни биде иста како против Швајцарија. Ако пружиме таква партија, верувам дека можеме до победата. Македонските играчи имаат индивидуален квалитет, детално ќе се подготвиме. Сметам дека технички се добро потковани. Ќе се обидеме да играме брзо и да изнудиме грешки од нив, изјави Дамке.
Двете селекции имаа доста време да се подготват за овој натпревар кој се игра в недела во 20:30 часот во „Мерцедес-Бенз Арената“.