Одбојкарската федерација на Македонија одлучи влезот во натпреварот помеѓу Македонија и Грција кој ќе биде клучен за нашиот пласман на ЕП да биде бесплатен.
Македонија в недела од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе игра против Грција и со победа во овој натпревар би обезбедиле учество на четврто Европско првенство во низа.
Од федерацијата на ваков потег се одлучија со цел одбојкарите да добијат поголема поддршка и да слават пласман на уште еден континентален собир.
Покана, за што поголемо присуство во спортскиот центар, упатија и момците од ДНК.
-Нашите одбојкари ќе водат тешка битка на паркетот и ќе се соочат со екипата на нашиот јужен сосед. Ова ќе биде клучен меч за нашите јунаци, и со победа ќе обезбедат директен пласман на Европското одбојкарско првенство. Ајде да им приредиме вистински навивачки „пекол” на гостите, порачаа ДНК.