Фудбал Спорт Јужна Америка доби нов владетел во фудбал

Лудница во Бразил – спектаклот на Маракана го доби Флуминенсе

Лудница во Бразил – спектаклот на Маракана го доби Флуминенсе

Еден од најстарите бразилски клубови, Флуминенсе за првпат во својата клупска историја стигна до највредниот пехар во Јужна Америка, откако синоќа во спектакуларно финале на култната „Маракана“ со 2-1 ја совлада Бока Јуниорс после продолженијата. Во регуларниот дел беше 1-1.

Во неверојатно финале пред преполни трибини на Маракана во Рио де Жанеиро, во 64. издание на престижната Копа Либертадорес, Флуминенсе во својот град го освои првиот трофеј од овој најважен турнир во цела Јужна Америка.

Тимот од Рио де Жанеиро ја продолжи доминацијата на бразилски клубови кои веќе пет години го креваат пехарот во Копа Либертадорес. Претходно по два пати до трофејот стигнуваа Фламенго и Палмеирас.

Пред 80.000 гледачи од кои можеби и повеќе од половина беа сјајните Аргентинци кои 120 минути не прекинаа со громогласна песна, Флуминенсе дојде прв во водство.

Се играше 36′ минута кога Аргентинецот во бразилскиот состав, ветеранот Херман Кано одлично реагираше во казнениот простор и донесе огромна радост на трибините кај што беа бразилските навивачи.

На 35-годишниот центарфор кој веќе има култен статус во Јужна Америка, ова му беше дури 13-ти гол сезонава во Копа Либертадорес, учинок каков што немал ниту еден друг фудбалер во ХХI век.

Од тој момент, гостите од Буенос Аирес тргнаа по израмнување. Со неверојатна поддршка од трибините каква што дефинитивно нема ниту еден клуб на светот, Бока предводена од ветеранот Единсон Кавани бараше гол во мрежата на Флуминенсе.

И го најдоа во 72′ минута кога сјајниот бек Перуанецот Луис Адвинсула кружејќи околу шеснаесетникот на гостите, распали со лева и го погоди десниот долен агол на 42-годишниот голман Фабио за 1-1.

Делириум и експлозија на трибините кај што седеше „хинчадата“ La 12, навивачите на Бока:

После 90 минути резултатот беше 1:1 и се замина во продолженија во кои како огномет грмеа дуели на теренот додека трибините се тресеа од песна.

Првата кулминација беше во 99′ минута кога нововлезениот млад центарфор Џон Кенеди кој ги разигра Бразилците постигна прекрасен гол од волеј и го совлада некогашниот голман на Манчестер Јунајтед Серхио Ромеро.

Кенеди го прослави голот трчајкќи кон своите навивачи но поради бурна прослава и соблекување дрес доби втор жолт картон и црвен па мораше пред време во соблекувална.

Гостите од Буенос Аирес не ја искористија бројчаната надмоќ од играч повеќе затоа што набрзо Франк Фабра од Бока направи голема глупост, во еден метеж му удри шлаканица на противнички играч и заслужено доби црвен картон.

До крајот Флуминенсе, предводен од најдобриот бразилски тренер во моментов Диниз кој е и в.д. селектор на Бразил, успеа да го сочува водството и заслужено да стигне до првата титула шампион на Јужна Америка.

Бразилските навивачи направија голема фешта на крајот а прославите во Рио допрва следуваат. Од друга страна, околу 100.000 пристигнати Аргентинци и милиони други во татковината можат да жалат што Бока не се израмни по бројот на титули во Копа Либертадорес со Индепендиенте кој има 7.

Теми на денот

To top