Кошарка

КК Пелистер: Боли поразот, ама горди сме за организацијата на овој Куп-турнир

КК Пелистер: Боли поразот, ама горди сме за организацијата на овој Куп-турнир

Кошаркарскиот клуб Пелистер ја доби и оправда довербата за организација на завршниот турнир во Купот на Македонија.

Организациски на високо ниво мина Ф8 турнирот во ова натпреварување, а заврши со победа во финалето на МЗТ Скопје Аеродром.

Иако Пелистер не успеа во својата намера, да го крене својот прв кошаркарски трофеј пред полните трибини на „Боро Чурлевски“, сепак клубот преку официјално соопштение изрази задоволство. Тие наведоа дека и покрај болката за поразот во финалето, сепак гордоста е голема за организираниот турнир на високо ниво.

„Колку што боли поразот во самиот финиш од финалето, толку е голема гордоста за сето она што го направивме сите заедно во последните денови, за Битола да биде центар на кошарката, но и да постави пример за организација, однос на навивачи и се она што го красело и што во иднина ќе го краси нашиот град. Благодарни сме на Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски за сета поддршка што ја добиваме од почетокот на овој сериозен проект. Оваа соработка ни дава за право да се надеваме на уште поголеми успеси во иднина.

Горди сме на нашите „Чкембари“. Ја препознаа нашата спортска искреност, желбата да донесеме трофеј во Битола и ја наполнија салата „Боро Чурлевски“. Најтешко е да се биде голем во поразите, но нашите верни навивачи го сторија токму тоа кога на сите ни беше најтешко, уште еднаш покажувајќи зошто се најдобра навивачка група во Македонија.

Горди сме на самите себе, за начинот на кој го организиравме овој турнир, покажавме дека имаме капацитет и организациски способности, зошто да не во иднина да донесеме и регионален турнир во Битола.

Секако, останува тагата што сиот овој заеднички труд на сите битолчани не беше крунисан и со трофеј. Сепак, убедени сме дека вака сплотени, тоа е само прашање на време и најдоброто од нашето спортско семејство допрва следи“, гласи соопштението на КК Пелистер.

Претходните неколку изданија на Купот беа под организација на КФСМ во СРЦ „Кале“, а и моделот турнирот да се одигра во Битола се покажа како добар.

To top