Фудбал

ФФМ се огласи по нападот над Сејдини

Фудбалската федерација на Македонија останува цврсто посветена на промовирање на спортските вредности, фер игра и почитување на институциите.

ФФМ се огласи по нападот над Сејдини

Од Фудбалската федерација на Македонија денеска се огласија со соопштение по синоќешниот напад на претседателот на федерацијата, Муамед Сејдини.

Тие најостро го осудуваат нападот кој го нарекоа кукавички и срамен истакнувајќи дека овој чин на насилство е неприфатлив и претставува директен удар врз вредностите на фудбалот, спортот и демократијата, воопшто.

-Јасно и недвосмислено истакнуваме дека Фудбалската федерација на Македонија нема да дозволи насилството да стане средство за влијание или решавање на кој било предизвик. Изборот на раководни лица во ФФМ се одвива исклучиво преку легални и демократски процедури, со гласови на делегатите, а не со закани и насилство. Оние што се обидуваат да го нарушат овој процес преку сила треба да бидат свесни дека нивните постапки се веќе идентификувани и дека соработуваме со институциите на правдата за целосно расветлување на овој инцидент. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи, како и сите надлежни органи, да преземат итни мерки и да го истражат случајот до крај, со цел сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, се вели во соопштението.

За инцидентот, ФФМ ги информираме и УЕФА и ФИФА.

-Претседателот на ФФМ останува непоколеблив пред ваквите закани и притисоци. Тие не ја ослабнуваат неговата решителност, туку напротив ја зајакнуваат неговата посветеност кон интегритетот и транспарентноста во спортот. Муамед Сејдини на оваа позиција е избран на легален начин, преку гласовите на делегатите и само на ист начин ќе го заврши или продолжи својот мандат. Насилството никогаш нема да биде средство кое ќе го одреди неговото присуство или заминување, се наведува во соопштението.

Фудбалската федерација на Македонија останува цврсто посветена на промовирање на спортските вредности, фер игра и почитување на институциите.

To top