ТВ и Филм

Нетфликс и Пентагон во јавен конфликт околу филмот „Куќа на динамит“ (ВИДЕО)

Нетфликс и Пентагон во јавен конфликт околу филмот „Куќа на динамит“ (ВИДЕО)

Министерството за војна на Соединетите Американски Држави се најде во отворен конфликт со Нетфликс поради новиот апокалиптичен трилер „Куќа на динамит“ (House of Dynamite) во режија на Кетрин Бигелоу.

Според Deadline, претставници на Пентагон тврдат дека клучен дел од заплетот на филмот создава „лажни претпоставки“ за сигурноста на американскиот систем за ракетна одбрана.

Во меморандум објавен на 16 октомври, Пентагон изјави дека прикажувањето на неуспехот на војската да спречи нуклеарна ракета што лета кон САД е „веродостојно како дел од драматична фикција наменета да ја забавува публиката“, но истакнува дека реалноста „раскажува многу поинаква приказна“.

Имено, филмот тврди дека пресретнувачките ракети имаат само 61 процент стапка на успех во соборувањето на дојдовните боеви глави, што доведува до катастрофално сценарио каде што  пресретнувачи не успеваат да го спречат нападот врз Чикаго.

Како одговор, Агенцијата за ракетна одбрана на Министерството за војна истакнува дека нејзините системи „покажале 100% точност во тестирањето кое трае повеќе од една деценија“.

– Бројките ни кажуваат што се случува и ние треба да го знаеме тоа. Резултатите се многу, многу добри, а програмата треба да расте во текот на следната деценија, изјави добро информиран воен функционер за Deadline.

Од друга страна, сценаристот на филмот Ноа Опенхајм рече дека „со почит не се согласува“ со проценката на Пентагон.

– Драго ми е што Пентагон го видел филмот, или го гледа, и обрнува внимание на таквите работи, бидејќи токму ова е разговорот што сакаме да го водиме – рече тој.

Режисерката Кетрин Бигелоу нагласи дека намерно го држела Пентагон на дистанца за да ја зачува независноста на проектот. И таа и Опенхајм потврдија дека „Куќата на динамит“ имала „повеќе технички советници кои работеле во Пентагон“, но признаа дека ниту еден од нив не бил дел од сегашната администрација.

Во меморандумот на Пентагон не се споменува уште еден важен елемент од заговорот: по неуспешниот обид за пресретнување, високи функционери одлучуваат да не ги испукаат преостанатите ракети, сакајќи да ги зачуваат останатите пресретнувачи за можни идни напади.

Всушност, Соединетите Американски Држави моментално имаат околу 44 пресретнувачи, распоредени во Алјаска и во вселенската база Ванденберг во Калифорнија. Модернизираниот и проширен систем треба да стане оперативен околу 2028 година.

Денес, се проценува дека во арсеналот на САД и осум други земји има околу 12.300 парчиња нуклеарно оружје, количина доволна за неколкукратно уништување на животот на Земјата.

– Имам чувство дека нуклеарното оружје и можноста за негова употреба станаа нормални. Не размислуваме за тоа, не зборуваме за тоа. И зборуваме за незамислива ситуација. Затоа се надевав дека можеби ќе го поместам во преден план на нашите животи – истакна Бигелоу.

To top