На социјалните мрежи ДНК вчера ја промовираа својата најнова песна со наслов „Чаршија”, песна на која гостуваат: познатиот хармоникаш Мишел Трајковски и Бока Конга.
Станува збор за уште една песна која во стилот потсетува на претходните “Ако утре ме нема” и “Животе брате”, звук кој по се изгледа и се допаѓа на публиката.
Како што пишавме погоре, во ова најново музичко остварување на ДНК свој допринес даде еден од нашите најдобри хармоникаши, Мишел Трајковски и “мајсторот” за конги, популарниот Бока Конга.
-Мислам дека со Лазе уште еднаш успеавме да создадеме нешто што ќе и се допадне на публиката. Очигледно е дека го сакаат овој звук и навистина ни е драго што е така, накусо изјавија момците од ДНК.
Инаку и за оваа песна се сними видеоспот во турската чаршија во Скопје, во кој покрај Панчо и Андреј се појавува и познатата водителка Вера Мештеровиќ, моделот Драгана Спасовска, диџеите Irie Scratch, Nasty и други…
Како режисер на спотот се потпишува Огнен Шапковски, додека директор на фотографија беше Кристијан Теодоров.
Уживајте во “Чаршија”, а за многу брзо очекувајте повторно нешто ново од “кујната” на ДНК и Лазар Цветковски.