Научниците нудат нови наоди и докази за здравствените придобивки од избегнувањето цигари, алкохол и опасно прекумерна тежина- како водечки причинители за рак кај возрасните што можат да се спречат.
Научниот труд на Американското здружение за истражувања за рак проценува дека 40 отсто од новите случаи на рак, кај лица со 30 години и повеќе, би можеле да се избегнат доколку луѓето се откажат од тие штетни и високоризични пороци. Стручњаците во јавното здравство, врз основа на новите докази, ги охрабруваат луѓето да усвојат здрав начин на живот за да ја намалат и спречат опасноста од рак, објави „Јаху“.
Покрај пушење, пасивно пушење, внос на алкохол и прекумерна тежина, во ризиците спаѓаат и премногу црвено или преработено месо, како и исхрана со помалку овошје и зеленчук, или недоволно влакна и калциум, којашто, исто така, ги зголемува шансите за рак. Истражувањата, исто така, ги наведува хепатитис Б, Епштајн-Бар вирусот, ХИВ, ХПВ и херпес-вирусот како фактори за појава на канцер.
И научници кои не се вклучени во овој нов научен труд, се согласуваат дека ова е важен потсетник за општото јавно здравје и здраво однесување.
Во таа смисла, Американското здружение за истражувања за рак ја истакнува важноста на вакцините против хепатитис Б и ХПВ. Хепатитис Б предизвикува рак на црниот дроб, а ХПВ може да доведе до повеќе видови на рак, на пр. – на грлото на матката, аналниот и гениталните орган или на устата и грлото. Претходно оваа година, Американското здружение предвиде дека случаите на рак во САД оваа година првпат ќе надмине два милиони.
Во извештајот, сепак, се вели и дека пониските стапки на пушење, раното откривање и подобрените третмани ја намалиле стапката на смртност од рак за последниве три десетлетија.