Туристите во главниот град на Италија, Рим, мора да платат влезница од две евра почнувајќи од денес ако сакаат одблизу да ја видат познатата фонтана Треви.
Новата такса важи во работните денови од 11:30 до 22:00 часот, додека за време на викендите важи од 9 до 22 часот. Целта на оваа мерка е да се намали прекумерниот број туристи, но и да се соберат средства за одржување на еден од најпознатите римски споменици.
Билетот важи исклучиво за посетители кои сакаат да се симнат по камените скали и да се приближат до самиот базен со фонтана, додека плоштадот околу фонтаната Треви ќе остане бесплатен и достапен за сите.
Според правилата објавени уште во декември, жителите на Рим, лицата со попреченост и нивните придружници, како и децата под шестгодишна возраст, се ослободени од плаќање.
Многу туристи од различни делови на светот кои ја посетиле фонтаната изјавија за Ројтерс дека не се вознемирени од новата такса, истакнувајќи дека очекуваат таа да помогне во намалувањето на толпите.
Сепак, некои посетители изразија незадоволство од оваа одлука. Франческо Ното од Сицилија верува дека посетата на културни споменици треба да биде право на сите.
„Но, што можеме да направиме? Да платиме и да се смееме“, рече тој.
Според податоците од римските власти, повеќе од 10 милиони луѓе ја посетиле Фонтаната Треви помеѓу декември 2024 и декември 2025 година. Тој период генерално се совпаѓа со прославата на католичката света година, во која околу 33,5 милиони аџии го посетиле Рим.
Покрај Фонтаната Треви, пет други римски знаменитости кои претходно биле бесплатни сега се наплаќаат, вклучувајќи го Оранжеријата во Вила Боргезе и Наполеонскиот музеј.