Свет

Австралија и Германија ги повикуваат своите граѓани да го напуштат Либан поради зголемените тензии меѓу Израел и Хезболах

Австралија ги повика своите граѓани веднаш да го напуштат Либан, наведувајќи дека постои реален ризик од сериозна ескалација на тензиите меѓу Израел и либанското шиитско движење „Хезболах“. Слично предупредување упати и Германија, откако претходно исто предупредување издадоа и властите на САД и Велика Британија.

– Сега е време да заминете, безбедносната ситуација може брзо да се влоши и можеби ќе имате многу малку време за реакција или воопшто нема да имате, изјави австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг во видеоклип објавен на социјалната мрежа „Икс“.

Вонг истакна дека аеродромот во Бејрут може да биде затворен ако ситуацијата се влоши, што би ги лишило оние кои сакаат да го напуштат Либан од можноста да го сторат тоа. Министерката ги повика Австралијците во Либан да ја напуштат земјата со комерцијални летови, додека сè уште се достапни.

Синоќа, пак, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ги повика германските граѓани да го напуштат Либан поради ескалацијата на тензиите во регионот, јавува ДПА.

Изјавата на Бербок следува откако беше убиен лидерот на палестинското исламистичко движење „Хамас“ Исмаил Ханија во Техеран.

„Ги повикувам уште еднаш сите германски граѓани да го напуштат Либан додека сè уште можат“, се вели во изјавата на Бербок, објавена од германското Министерство за надворешни работи на социјалната мрежа „Икс“. Во оваа напната ситуација „секоја одлука може да ја смири ситуацијата или да додаде масло на огнот. Ги повикувам сите, особено Иран, да покажат воздржаност и да работат на деескалација во името на луѓето во регионот“, истакна германската министерка.

Иран и „Хамас“ го обвинија Израел за убиството на Ханија и се заканија дека ќе се одмаздат. Либанското шиитско движење „Хезболах“ изјави дека денеска лидерот Хасан Насрала ќе одржи говор.

– Од клучно значење е конфликтот во регионот да не се проширува, додаде Аналена Бербок.

Германската влада во соработка со своите партнери и преку дипломатски канали прави сè што е можно за да се спречи ескалација и регионален конфликт, се вели во изјавата на германското Министерство за надворешни работи.

Министерството наведува дека Бербок е во тесен контакт со партнерите на Германија во Европската Унија и со претставници од регионот на Блискиот Исток.

Најнови вести од Свет

To top