Премиерот Еди Рама во интервју за Франс 24, коментирајќи ги заканите на Грција дека ќе го блокира европскиот пат на Албанија доколку Фреди Белери не биде ослободен, вели дека блокада поради ова прашање не би било сериозно и го повторува веќе кажаниот став дека случајот и припаѓа на правдата.
-Не сакам да навлегувам во оваа полемика. Искрено не верувам дека оваа блокада ќе потрае, бидејќи не би била сериозна. Од друга страна, се работи само за правда. Ако го погледнете извештајот за напредокот, Албанија е оценета навистина добро за прашањата за реформите во правосудството. Јас сум многу задоволен бидејќи Албанија е најнапредната земја на целиот Балкан за овие прашања, рекол Рама.
На прашањето дали се надева на помирување со Грција, кога во неговата земја има и грчко малцинство, приближно 1% од населението, тој вели дека со Грција имаат стратешки односи и оти нема никаква казна врз национална основа, нидејќи противкандидатот за градоначалник на Химара исто така бил Грк.
-Слушајте, со Атина ние имаме стратешки односи а од друга страна, кога зборувате за грчкото малцинство, сакам да појаснам, како што кажавте, кандидатот бил Албанец со грчко потекло, а неговиот противкандидат во изборот бил исто така Албанец со грчко потекло. Тогаш ова не може да биде прашање на грчкото малцинство, одговара Рама.
Тој се задржува и околу договорот со Италија, со кој во Албанија ќе бидат изградени прифатни центри за имигранти.
-Мора да се нагласи една многу едноставна причина. Точно е дека Албанија сè уште не е членка на ЕУ, но таа е целосно европска земја. Доколку истиот договор Италија потпишеше договор со земја од ЕУ, тоа воопшто немаше да биде вест на денот. Но, тоа што овој договор е склучен со земја која не е членка, таа стана не само вест, туку предизвика и теории на заговор и сомнежи кои се несериозни. Ако поставуваме прашања за методот, мора да поставиме прашања за методот во сите земји на ЕУ, бидејќи овие прифатни центри не се нови. Станува збор за прифатен центар кој е стандарден во сите земји од ЕУ, рекол Рама.
Рама додаде дека нема потреба од скандализирање на ова прашање, бидејќи „Албанија е целосно европска земја и едноставно дава помош на соседна земја со која долго време има одлични односи“.
Според него доаѓањето на 3.000 имигранти нема да ја потресе историјата на туризмот, бидејќи претходно во Албанија се згрижени повеќе од 4.000 Авганистанци. (МИА)