Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) вчера ги повика САД да ги зголемат даноците за да го ограничат растот на дефицитот и нивото на јавниот долг, истовремено поздравувајќи го „силниот и динамичен“ раст на најголемата светска економија и напредокот во ублажувањето на инфлацијата.
Како што беше посочено во изјавата на Мисијата на ММФ како дел од редовните консултации со земјите-членки, високиот дефицит и долг „создаваат растечки ризик за американската и глобалната економија, потенцијално придонесувајќи за повисоки трошоци за задолжување и зголемен ризик за непречено рефинансирање на доспеани обврски“.
ММФ благо ја ревидираше прогнозата за растот на американскиот БДП годинава – на 2,6 отсто, во однос на претходните 2,7 отсто, додека за следната година се уште предвидува забавување на растот до 1,9 отсто.
„Американската економија се покажа како робусна, динамична и приспособлива на променливите глобални услови. Економската активност и вработеноста се движат на очекуваното ниво и процесот на забавување на инфлацијата беше многу побезболен отколку што многумина стравуваа“, велат од ММФ.
ММФ очекува инфлацијата да се врати на целното ниво од околу два отсто до средината на 2025 година. Но, ММФ го предупреди Вашингтон на растечкиот дефицит кој, доколку продолжи, ќе го зголеми соодносот на долгот и БДП на алармантни 140 проценти до крајот на деценијата.
Фондот втора година по ред препорачува прогресивно зголемување на стапката на данок на доход, не само за најбогатите Американци, туку и за домаќинствата кои заработуваат помалку од 400.000 долари годишно, што е прагот што го вети американскиот претседател Џо Бајден во предизборната кампања.
Меѓу другото, ММФ советува за реформа на програмите за помош и поддршка, што се исто така кратења што Бајден и неговиот републикански ривал Доналд Трамп ветија дека нема да ги спроведат.