Основниот суд во Приштина осуди на вкупно 22 години затвор четворица косовски Срби обвинети за вмешаност во убиството на политичарот Оливер Ивановиќ, што се случи во јануари 2018 година во Северна Митровица, јави дописникот на МИА од Приштина.
Судот ги прогласи за виновни Марко Рошиќ, Недељко Спасојевиќ, Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ, а Силвана Арсовиќ и Раде Басара се ослободени.
Марко Рошиќ е осуден на десет години затвор и парична казна од 10.000 евра, Недељко Спасојевиќ на четири години и шест месеци затвор и 4.500 евра. Полицајците Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ се ослободени од обвинението за злоупотреба на службената положба, но осудени се на по четири години затвор за кривичното дело недозволено поседување, употреба и контрола на оружје, објави судијата Ваљон Куртај. Во казната ќе им биде вклучено и времето поминато во притвор и домашен притвор.
На изрекувањето на пресудата не присуствуваа обвинетите, туку само нивните бранители.
Судењето на обвинетите за помагање во убиството на Оливер Ивановиќ започна во јули 2021 година, две и пол години по убиството.
За овој случај во бегство се Жељко Бојиќ, Звонко Веселиновиќ, Милан Радоичиќ и уште двајца непознати обвинети.
Оливер Ивановиќ беше убиен со шест истрели во грбот утрото на 16 јануари 2018 година, пред седиштето на неговата граѓанска иницијатива „Слобода, демократија правда“ во Северна Митровица.