„ЗЕЛС е асоцијација, највисоко тело на сите општини, во кое што членуваат сите 80 општини плус Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. И дополнително членуваат 9 претставници од Советите“, појасни Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
„Денеска за мене многу важно беше што после две ипол години блокада од страна на Владата се појави мандатарот за составување на новата Влада пред се идниот премиер Христијан Мицкоски. И тоа е една добра вест, искра надеж за општините и за начинот на функционирање на општините“, истакна тој.
Ѓорѓиевски додаде дека денеска се разговарало околу систематизираните ставови на ЗЕЛС, оние проблеми со кои што долги години се соочуваат локалните власти, надминувањето на истите. Тука се и проблемите поврзани со законските решенија од една страна, а од друга страна фискалната децентрализација.
„Искрата надеж денеска ја даде Христијан Мицкоски на начин што сето она што во минатото беше блокада од власта веќе нема да е“, рече Ѓорѓиевски.
„Само од персоналниот данок на доход во општините 6% влегуваат, ако направиме паралела за она што го споменав со другите европски развиени општини и градови, имаме степен каде што стига 50-60% па дури и 70%, а некаде и 100% слевањето на средствата. А, за жал во Република Македонија состојбата на општините во моментов каква што е позиционирана се доведува во состојба да единствен начин за финансирање за жал ќе споменам за општините извор на приход претставуваат комуналиите за градба што вака особено за скопските општини не е атрактивно“, појасни тој.
Тој посочи дека на општините им е потребна фискална децентрализација на многу повисоко ниво од ова што сега го имаат општините.
„Јас верувам дека ќе имаме сериозен напредок и исчекор од една страна. А, од друга страна сериозен проблем изминативе години претставуваат и блок дотациите каде што ако го земеме во предвид МОН средствата кои што стигнуваат преку блок дотации не се доволни за исплата на платите на наставниците и професорите, а камо ли за некоја инвестиција“, рече Ѓорѓиевски.
Тој укажа дека од сега ЗЕЛС ќе има партнер од власта со кој што ќе се решат напластените проблеми на општините.