Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) денеска го одржува 29. Конгрес на кој, според Статутот, партиското раководство ќе даде отчет за изборните резултати.
Досегашниот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски пред почетокот на Конгресот нагласи дека делегатите ќе се изјаснат за доверба во органите на партијата кои ги избира Конгресот и на кој делегатите ќе можат да разговараат за сите прашања поврзани со изборите, но и за работењето на партијата во изминатиот четиригодишен период.
Ковачевски очекува денешниот Конгрес да биде успешен и од него, како што рече, СДСМ да излезе посилен, пообидинет и да влезе во процесот на финализирање на изборот на нов претседател и на новото раководство.
Одговарајќи на новинарско прашање дали очекува директни напади од членовите на партијата за водењето на партијата и поразот што партијата го прерпе на изборите, Ковачевски истакна дека очекува отворена дебата за сите прашања што влијаеле на изборните резултати.
-Она што имав да го кажам, го кажав и на 8 мај и на денот кога официјално се повлеков од функцијата претседател на СДСМ на 22 мај. Очекувам отворена дебата и да се разговара конструктивно и отворено за сите прашања кои што влијаеа на изборниот резултат на овие избори ,но и на изборите во 2021 година, бидејќи тогаш не беше одржан отчетен Конгрес. Делегатите ќе имаат за што за што да разговараат, рече тој.
Како што потенцира Ковачевски, на Конгресот се очекува свои оделни експозеа да имаат членовите на раководството, Форумот на жени и другите членови на раководството.
Досегашниот претседател на партијата Димитар Ковачевски по изборниот пораз, на седница на партискиот Извршен одбор што се одржа на 22 мај, официјално го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побара свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.
-Ковачевски го потврди повлекувањето на седница на партискиот Извршен одбор на СДСМ која ја најави на 8 мај, како високо морален чин и согласно Статутот на партија иницираше свикување конгрес заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на партијата, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати, информира тогаш СДСМ.
Во меѓувреме, на 6 јуни заврши рокот за кандидирање за претседател на СДСМ. Во периодот од 31 мај до 6 јуни, рок определен за кандидирање, кандидатури за претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски.
Вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ ќе се одржат на 30 јуни. Изборите ќе ги спроведе Централна изборна комисија заедно со 80 општински изборни комисии и Одбори на избирачки места на локално ниво. Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат.
Периодот за активната регистрација e зголемен и изнесува 20 дена. Членовите ќе можат да се регистрираат преку две опции, преку онлајн алатката за активна регистрација што ќе биде достапна на интернет страницата на СДСМ во понеделник (03.06.2024) или втората опција преку општинските организации на СДСМ.
Централниот одбор на партијата предложил и измени на Статутот на партијата за мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години.