Поранешниот министер за внатрешни работи и иден пратеник од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски, во „Клик Плус“ го коментираше односот со коалицискиот партнер ДУИ.
Претходно Спасовски кажа дека една од причините за убедливиот изборен пораз на СДСМ на изборите е и однесувањето на коалицискиот партнер.
„Сигурно дека со ДУИ имало прашања на коисе немало согласност, кои не се затвориле, прашања за кои сме се конфронтирале, но сметам дека во Владата и во секоја институција треба да има дебата. Тоа што е добро да се прифаќа, тоа што не е да не се прифаќа. Во јавноста перцепцијата е дека се што ќе побара ДУИ, СДСМ го дава. Ќе видиме дали е со причина наметната таа перцепција или нема причина. За жал, политиката е првично перцепција. Без разлика што ќе видите во одлуките. Истата таа тема на која се зборуваше сето она што ќе се побара се добива, еве можност да видиме како ќе се формира новата влада, новата коалиција, да видиме како ќе бидат односите сега меѓу новите коалициски партии. Јас кога зборувам за одговорен пристап, зборувам за пристап кој е важен и полезен за државата, за иднината на државата и за граѓаните. Ако зборуваме за личен интерес, тогаш е многу лесно да излегувате со ставови“, изјави Спасовски.