Изборната кампањата на кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова, вечерва продолжи со митинг во Кичево.
Во својот говор, професорката Силјановска Давкова порача:
„Претседателот откако вчера ме пофали, не знам дали чувте, дека сум била одлична професорка, дека сум била врвна интелектуалка и дека сум имала силна морална вертикала, па затоа кога ќе победел, ќе ме предложел за уставна судијка. Јас имам проблем. Не ќе може да го предложам за Уставен суд бидејќи критериумите што јас ги имам за уставен судија се многу високи“.
-Но, добро е што тој имаше момент на вистината. Меѓутоа, познавајќи го се плашам само да не го смени мислењето и набрзо да го негира она што го кажал. Но, за мене зборот е збор, прв, како во Библијата или, како што би рекле Албанците, беса. Јас ќе се држам до мојот збор. Тешко носам одлуки, меѓутоа кога ќе решам, ги исполнувам, и, се разбира, мора луѓето да знаат што рекол некој, што направил и дали има конзистентност, дали има доследност зошто ако нема, нема да има почит и нема да бидат горди на таквите луѓе. А, ние имаме потреба да се идентификуваме со луѓе од збор, со луѓе од знаење, со луѓе кои се почитувани не само дома туку и надвор. Луѓе кои што го кажуваат тоа што го мислат, а не тоа што некој однадвор сака да го чуе. Добро е понекогаш да им укажете и на недоследноста. Никој не Ве цени ако себе не се цените. Затоа ние мора да направиме промени, посочи Силјановска Давкова.
Професорката Силјановска Давкова го коментираше и денеска објавениот извештај на „Фридом Хаус“ каде што Македонија бележи уназадување во демократијата, па истакна:
„Веројатно мнозина од Вас видоа што пишува Куќата на слободите за состојбите во Македонија. Вели дека ова е режим, цикличен, хибриден, циклично хибриден режим, значи се вртиме во круг, во кој што институциите се слаби, има повеќе партии, има избори, ама најмногу има корупција и криминал и тоа во највисоките врвови. И замислете сега тие, кои сместени во највисоките врвови на власта и добиле епитет на корумпирани и криминализирани, сега ќе ја реформираат Македонија. Не бива реформатори од луѓе потонати во корупција и криминал.“