Првата пешадиска бригада не следи стандарди – таа ги поставува. Вашата професионалност, и подготвеност се основата врз која се гради одбранбениот систем, порача денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски на одбележувањето на денот на Првата пешадиска бригада нагласувајќи дека бригадата останува клучен столб во одбранбениот систем и носител на највисоките стандарди во Армијата.
Мисајловски потсети дека пред една недела беше промовирана новата опрема, меѓу која и оклопните возила Stryker, оценувајќи дека тие значително ја зајакнуваат борбената готовност, но дека „најважниот ресурс остануваат припадниците на Армијата“.
Тој најави дека Армијата ќе се подмлади со нови 300 професионални војници, за што денеска е распишан оглас.
Според Мисајловски, целта е да се привлечат млади, мотивирани и физички подготвени кандидати кои ќе придонесат за безбедноста на државата.
-Најдобрите ќе ви се придружат токму вам. Вашето искуство ќе биде клучно за нивната обука и интеграција во оваа исклучително важна професија, порача министерот.
Во обраќањето, Мисајловски се осврна и на претстојната вежба „Блесок 26“, од која очекува демонстрација на висока професионалност и борбена способност на единицата.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, порача дека бригадата е носител на двојна историска традиција и клучен столб во одбранбениот систем на државата.
Тој нагласи дека од нејзиното формирање во 2012 година, Првата пешадиска бригада ја има улогата на најголем маневарски и борбен капацитет на Армијата, со мисија да одржува високо ниво на борбена готовност во функција на одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет.
-Бригадата е заеднички именител на модернизацијата, опремувањето и исполнувањето на НАТО целите на способности, рече Лафчиски, посочувајќи дека во изминатите четири години успешно е развиена Лесната пешадиска баталјонска група.
Во делот на учеството во мировни операции, началникот истакна дека припадниците на бригадата секојдневно придонесуваат за регионалната и глобалната безбедност. Тој ги посочи и резултатите од учеството на вежбите „Immediate Response 25“ и „Saber Junction 25“, каде што, како што рече, е демонстрирана висока тактичка, техничка и логистичка подготвеност, како и способност за самостојно дејствување во комплексни оперативни средини.
Лафчиски изрази уверување дека истото ниво ќе биде потврдено и на претстојната вежба „Блесок 26“, во рамки на НАТО оценувањето на борбената готовност на Лесната пешадиска баталјонска група.
Говорејќи за современите безбедносни предизвици, тој истакна дека актуелната геополитичка состојба ја нагласува потребата од постојана подготвеност и модернизација. Во таа насока ги наведе веќе оперативните JLTV возила, започнатото воведување на STRYKER оклопните возила и зајакнувањето на артилериската поддршка со хаубиците „Боран“.
Командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, на одбележувањето на Денот на бригадата истакна дека единицата ја гради својата улога врз силна историска традиција, професионализам и континуирана посветеност на мисијата за одбрана на државата.
Генералот потсети на генерациите припадници кои ја формирале основата на денешната бригада – од борците на 14. Младинска македонска народноослободителна ударна бригада и Кичевско–Мавровскиот партизански одред, до припадниците на 11. и 13. пешадиска бригада и на 1. и 2. механизирана пешадиска бригада, од кои во 2012 година беше формирана денешната Прва пешадиска бригада.
Тој посебно ги истакна дел од припадници кои пред 30 години биле дел од единицата „Шкорпиони“, а денес сè уште служат во составот на бригадата.
Командантот нагласи дека бригадата е најголемата единица на Армијата и носечка воена сила, чиј висок степен на борбена готовност и способност за брза реакција се потврдени преку бројни задачи и активности. Во изминатата година, 1.450 припадници учествувале на меѓународни вежби, меѓу кои „Combined Resolve“, „Dynamic Front“, „Immediate Response“, „Saber Junction“ и други, како и на заедничка тактичка вежба со Вооружените сили на Италија.
Припадниците на бригадата продолжуваат да даваат поддршка на Министерството за внатрешни работи на јужната граница и во КПД „Идризово“, а дел од нив се ангажирани во меѓународни мисии во Романија, Бугарија, Латвија, Косово и Босна и Херцеговина.
Чиплаковски истакна дека претстојниот период носи нови приоритети и предизвици, меѓу кои и успешното НАТО оценување на борбената готовност на Лесната пешадиска баталјонска група. Паралелно продолжува процесот на воведување на новата опрема во оперативна употреба.
Првата пешадиска бригада го одбележува својот ден на 2 април – датумот на нејзината трансформација и преземање на задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица во Армијата. (МИА)