Македонската фудбалска репрезентација до 21 година утре против Ерменија ќе го одигра осмиот натпревар од квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство.
Избраниците на селекторот Горан Станиќ во четвртокот претрпеа висок пораз на гостински терен од Италија со 4-0 и во пресрет на гостувањето во Ереван се на претпоследното место во квалификациската група Ф со три бодови, освоени против Ерменија на домашен терен во октомври лани.
„На дуелот против Ерменците одиме да освоиме три бода. Верувам дека целта може да ја исполниме. Сите фудбалери се подготвени да го дадат максимумот и ќе одиграме на највисоко ниво. Натпреварот со Италија беше огромно искуство за сите нас, тоа е репрезентација што се бори за првото место во групата и е фаворит за највисоката позиција. Сметам дека можеме да ја совладаме Ерменија, но мораме да ги отстраниме сите недостатоци што ги покажавме на мечот во со Италија, особено индивидуалните грешки да ги сведеме на минимум“, изјави репрезентативецот Матео Софијановски.
Натпреварот што ќе одигра на теренот во тренинг центарот на Фудбалската федерација на Ерменија во Ереван е со почеток во 15 часот по македонско време.