Рафинеријата Базан во Хаифа денеска е погодена во ирански ракетен напад врз Израел, наведуваат израелските медиуми.
Според првичните извештаи, не е јасно дали проектилот директно го погодил објектот или бил погоден од остатоците од ракетата соборена над индустриската зона на градот, пишува весникот „Џерусалем пост“.
„Тајмс оф Израел“ наведува дека снимките од израелските телевизиски канали покажуваат дека во рафинеријата избувнал пожар.
„Џерусалем пост“ објавува дека нападот погодил чувствителен дел од инфраструктурата на рафинеријата, што бил погоден и претходно, и дека армијата испратила екипи за пребарување и спасување на местото на настанот.
Во претходните ирански баражни напади шрапнели од ракети предизвикаа помала штета на рафинеријата и привремени прекини на електричната енергија, но досега немаше жртви.
Иранска ракета вчера ја погоди индустриската зона Неот Ховав, по што избувнал пожар, а во нападот било повредено едно лице.
Министерството за заштита на животната средина објави дека се испитува можноста за истекување на опасни хемикалии, но дека во моментов нема опасност за блиските населени места.