Македонија Техничка влада

Милошоски: Македонскиот народ стана кираџија – еден дезертер си даде оставка, друг дезертер  седнува во премиерската фотелја

Милошоски им порача на граѓаните да бидат претпазливи: „Немате работа со Европејци, имате работа со луѓе чии што другари се на црната листа“.

Милошоски: Македонскиот народ стана кираџија – еден дезертер си даде оставка, друг дезертер  седнува во премиерската фотелја

Еден дезертер си даде оставка, друг дезертер ќе седне во премиерската фотелја. Ниту оној што стана од фотелјата, ниту овој што ќе седне немаат искрени чувства кон Македонија. И затоа исто како и Ковачевски најлошиот премиер досега не очекувајте ниту од Талат Џафери да биде подобар и да работи за успешна и напредна држава Република Македонија, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

-Почитувани симпатизери од СДСМ,Партијата ДУИ нема толку пратеници, ниту број на гласови за да избере премиер. Но, денес Ковачевски и Маричиќ евтино ја продадоа куќата на СДСМ и за нивните фотелји од вашата партија направија привезок на ДУИ. СДСМ, ЛДП и НСДП, верните слуги на корумпираната ДУИ заради коруптивни погоди денес македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава. Наместо ветената европеизација, денес пратениците од СДСМ, ЛДП и НСДП ви приредија една понижувачка дуизација на државата, ставајќи го на чело на Владата Талат, другарот на Рамиз Мерко и на Пуцко Петрол, познатите Европејци од Македонија. Затоа тие што ќе кажат дека ова е историски ден може да се согласиме во една работа, ова е историски ден затоа што Македонија има Влада со историски највисок долг, историски највисока инфлација, историски најлошо здравство, историски најмногу лажни пасоши за нарко босовите во Македонија и во регионот. Македонија има Влада со историски највисока корупција во регионот, рече тој.

Милошоски посочи дека Талат Џафери доаѓа од Гостивар, 20% од жителите во Гостивар во изминатите 20 години се иселија во Европа, додека Талат Џафери и Али Ахмети им зборуваа за Европа, а во меѓувреме прават тендери и ги лажат своите гласачи.

-Во т.н. европски фронт тоа што потсетува на Европа се само зелените евра кои што ги земаат како провизија од многу фирми што ги рекетираат. Ако Артан Груби беше кумот на корупционерите во Владата, Талат беше нотарот кој што ги завери сите бизниси за закони во Собрание со злоупотреба на европското знаменце. Неколку примери за оваа корупција на ДУИ со нивните слуги од СДСМ. 130 милиони буџетски евра беа дадени на фирма блиска до ДУИ која што ќе градеше фабрика за електрични автомобили, таму беа сликани Талат Џафери, Ковачевски, Ахмети, Артан Груби, Крешник Бехтеши. Остана само сликата и една дупка покрај патот до Тетово нема фабрика и нема електрични автомобили. ДИУ и СДСМ имаа 130 милиони евра за фирмата спонзор на ДУИ, имаше пари за историска провизија да се земе од оваа фирма, но немаат пари да го довршат автопатот Кичево-Охрид, истакна тој.

Понатаму во говорот, Милошоски посочи:

„Законот за минерални суровини исто така Талат Џафери во Собранието им го заври по скратена постапка. Зошто? За да може министерот за економија секој месец да зема историски високи провизии од концесионерите на минерални суровини. Законот за автопатите со европско знаменце Талат Џафери им го завери по брза постапка, платени се историски 200 милиони евра за нула километри автопат. Но, затоа пак ДУИ преку Ејуп Рустеми си зема историски високи провизии од подизведувачите кои ги одбра. Значи има 200 милиони евра за нула километри автопат, но нема пари за студентите и нема пари за пензионерите“.

-И Законот за коцкарници, Талат Џафери го протна преку ред во Комисијата за европски прашања и замислете партијата која е ребрендирана зелена партија, партиската која збори за европски фронт сега стана партија на коцкарници и игри на среќа. Во изминативе четири години преку Државната лотарија каде директорот е од ДУИ и многу близок соработник на раководството на ДУИ потрошиле енормни 40 милиони евра за набавка на коцкарски апарати за да може преку овој бизнис Артан Груби да земе историски високи провизии од фирмите кои организираат игри на среќа. Значи ДУИ и СДСМ имаат 40 милиони евра за коцкарски апарати, но нема пари за болните од ретки болести. Беса транс, трагедијата во Бугарија тука во Собранието се побара да се закаже анкетна комисија за човековите права и слободи, 45 државјани на Македонија без нивна вина заради неодговорност на власта ги загубија своите животи. Талат Џафери не дозволи да се закаже анкетната комисија да расправа за нарушени човекови права и за овие жртви. Зошто? Затоа што директорот на Инспекторатот за транспорт, Руфи Хусеини од ДУИ е тој кој треба да сноси одговорност. Како можела оваа компанија и овој автобус да патуваат без добиени лиценци, затоа што го штитат и министерот од СДСМ, истакна пратеникот.

Милошоски оцени дека за ДУИ поважни се нивните директори од оние кои што ги изгубија животите како жртви на неодговорноста на Талат Џафери и на неговите другари.

-Модуларната болница во Тетово, 14 жртви одговорноста се изгуби некаде помеѓу кабелот и судските процедури. Онкологија ДУИ и СДСМ покажаа дека се многу сложни кога станува збор за бизнис тендери дури и кога тој бизнис е морбиден и е на штета на најтешко болните пациенти. ДУИ и СДСМ затоа политички кажано претставуваат коруптивна онкологија за Република Македонија. Двајца директори на Онкологија еден од СДСМ еден од ДУИ историски и морбиден криминал со лекови, многу корупција, една позната веледрогерија која што дебело ги подмитувала овие двајца директори и други министри, останаа неказнети, недопрени, без одговорност, само за да се заштитат провизиите за ДУИ и за СДСМ кои што се на прво место а пациентите за нив се на последно место. Талат Џафери лично до последниот момент додека беше на чело на ова собрание одбиваше да ги испрати документите од сведочењата и материјалите во анкетната комисија за Онкологија кои што беа побарани од ЈО се со цел за да се заштити директорот од СДСМ и директорот од ДУИ и претходните министри кои што носеа најголема одговорност за овој морбиден скандал на Онкологија. Кога го слушате Талат Џафери дека ќе се заложи за фер и демократски избори не заборавајте дека за прв пат во историјата на Македонија се случува да имаме државна изборна комисија која што не е комплетна, вели тој.

Истакна дека Македонија имала различни поларизации и политички и социјални и економски но секогаш државната изборна комисија била комплетирана со сите членови во ДИК согласно законот колку што припаѓаат на владејачките партии и колку што припаѓаат на опозицијата.

-Но сега за прав пат од постоењето на ДИК,  најодговорното државно тело за спроведување на избори ние имаме нецелосен состав затоа што главниот и одговорен уредник на ова собрание за прекршување на деловници и закони Талат Џафери не дозволи според закон на опозиционите партии БЕСА и Алтернатива да им се овозможи да добијат член на ДИК. Спроведувач на ова сценарио беше за жал колешката од СДСМ, Марија Ѓеоргиевска која што ризикува и кривично да одговара поради кршење на деловникот и законите и нарушување на изборниот процес. И затоа тие што очекуваат дека Талат Џафери како премиер ќе се заложи за фер и демократски избори треба да се потсетат дека тој е досега првиот и единствениот собраниски спикер кој што ја оставил ДИК, намерно, цела година без да биде комплетирана со член на опозицијата. Почитувани министри за внатрешни работи и за труд и социјала. Бидете многу внимателни, бидете многу внимателни во оваа Влада. Ова е Влада која што за вас има поставено многу стапици, и многу сопки. Пред вас ќе зборуваат за европски стандарди и за фер избори, зад вас ќе работат на поткуп и на фалсификување на записници за да го ублажат поразот кој што ги очекува, посочи тој.

Милошоски им порача на граѓаните да бидат претпазливи: „Немате работа со Европејци, имате работа со луѓе чии што другари се на црната листа“.

-Но, сепак сметам дека ќе ги поразиме. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата нема да гласаат за оваа Влада од две причини, прво затоа што сметаме дека премиерското место не е законски да го добие партијата која што има помал број на пратеници. Второ, затоа што сметаме дека премиерското место во Македонија не треба да го земе партија која што се поврзува на најголем број скандали со висока корупција. И трето тоа е нашата политичка цел до изборите и после изборите, целта е на овие избори слугите на ДУИ, СДСМ и ЛДП заедно со Артан и со Талат Џафери да бидат поразени и да одат во опозиција, а народот на Македонија да биде победник и на 8-ми мај и на 9-ти мај да го славиме Денот на победата, Денот на Европа и да огрее ново сонце на слободата, истакна Милошоски.

Најнови вести од Македонија

To top