ВМРО-ДПМНЕ реагираше на синдикалниот протест организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), оценувајќи дека настанот бил политички мотивиран и логистички поддржан од СДСМ.
Од партијата тврдат дека протестот доживеал неуспех и дека, како што наведуваат, граѓаните не наседнале на политички сценарија.
„Протестот е доказ дека граѓаните не паѓаат на евтини политички сценарија и злоупотреби на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, синдикалниот протест наместо да претставува автентична работничка реакција, бил „лошо режирана партиска претстава“ во која ССМ, како што наведуваат, послужил како параван за политички активности.
„Наместо вистински работници на протестот беа партиски активисти на СДС кои глумеа синдикалци“, стои во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека граѓаните ги препознале, како што велат, манипулациите и го игнорирале протестот.
„Граѓаните јасно ги препознаа манипулациите и го игнорираа политичкиот театар на СДС“, се наведува во соопштението.
Партијата дополнително обвинува дека ССМ наместо да ги штити работничките права, се ставил во функција на политички интереси.
„ССМ наместо да биде заштитник на работничките права се претвори во продолжена маша на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се додава дека, според нив, врската меѓу СДС и ССМ е „јавна, директна и штетна за работниците“.
Од партијата истакнуваат дека ќе продолжат со политики насочени кон подобрување на економскиот стандард.
„Наспроти лицемерието на СДС, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со конкретни мерки и политики за раст на сите плати, подобрување на животниот стандард и вистинска грижа за сите граѓани“, се наведува во соопштението.