Американскиот претседател Доналд Трамп побара одложување на неговата планирана посета на Пекинг поради војната во Иран.
Трамп требаше да се сретне со кинескиот претседател Шји Џјинпинг на крајот на месецов. Сепак, САД сега побараа патувањето да биде одложено, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
– Поради војната, сакам да бидам тука. Чувствувам дека морам да бидам тука. Затоа побаравме одложување за околу еден месец и со нетрпение очекувам да бидам со нив – рече тој.
Трамп во неделата најави дека САД би можеле да го одложат патувањето во Кина доколку Пекинг не помогне во деблокадата на Ормускиот Теснец.
– Мислам дека и Кина треба да помогне, бидејќи Кина добива 90 отсто од својата нафта од теснецот – го цитираше Фајненшл Тајмс Трамп. „Би сакале да знаеме пред тоа. Тоа (две недели) е долго време“.
Сепак, американскиот министер за финансии Скот Бесент подоцна за Си-Ен-Би-Си изјави дека патувањето би можело да биде одложено поради логистички причини.
Трамп и Шји последен пат се сретнаа во октомври во Јужна Кореја на маргините на самитот за Азиско-пацифичка економска соработка (АПЕК), каде што, меѓу другото, се договорија за привремен прекин на нивната тековна трговска војна.
Сепак, постојат тензии околу прашања како што се кинескиот извоз на ретки земни метали и американскиот извоз на напредни компјутерски чипови.
Кинеските и американските трговски претставници одржаа нова рунда разговори во Париз во текот на изминатите два дена. Разговорите во Париз беа шестата рунда меѓу двете страни од почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари минатата година.