Меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани се одржува денеска во Скопје, а по повод една година од големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Пред присутните беше прикажан документарниот филм „Од пламен до надеж“ кој ги расплака присутните на конференцијата. Никој не остана рамнодушен на сведоштвата на дел од повредените во пожарот во „Пулс“ кои раскажаа како успеале да се спасат, како се одвивало нивното лекување и третманот кој го добиле од медицинските центри и помошта.
Рехабилитацијата на Пониква велат дека им помогнала многу, физички, но и психички. Да се прифатат, да се ресоцијализираат.
Чекорите кои ги правеле на патот до заздравување воопшто не им биле лесни, но нагласуваат дека имаат силна желба за борба, борба да се издигнат и благодарност за шансата што им ја пружил животот.