Војната на Блискиот Исток влезе во својот 14-ти ден. САД и Израел од една страна, а Иран од друга страна, продолжуваат да разменуваат удари.
Израел и Иран повторно разменија оган рано утрово. Израелската војска соопшти дека околу 6 часот утрово идентификувала ракети лансирани од Иран кон израелска територија.
Израел го започна својот последен „бран напади од големи размери“ врз Иран во 7 часот наутро, насочени кон инфраструктурата на режимот, пишува Скај њуз.
Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска упати нова закана до Иран на социјалните мрежи.
Тој напиша на својата социјална мрежа дека е вистина оти САД „тотално го уништуваат терористичкиот режим на Иран, воено, економски и на други начини“.
Трамп напиша дека иранскиот режим „убива невини луѓе низ целиот свет 47 години“. Тој ја наведе штетата што досега им е нанесена на Иран и неговите лидери.
„Сега јас, како 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, ги убивам. Каква голема чест е да го направам тоа!“, додаде Трамп.
Новиот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, вчера ја даде својата прва изјава, ветувајќи дека ќе им нанесе уште поголема болка на арапските земји од Заливот и заканувајќи се дека ќе отвори „други фронтови“ во војната што веќе ги наруши снабдувањето со енергија, светската економија и меѓународните патувања.
САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, на што Техеран одговори со ракетирање на Израел, Кувајт, Бахреин и други земји од Блискиот Исток, особено таму каде што има присуство на САД.