Повеќе од 26.000 барања за легализација на бесправно изградени објекти се поднесени во Општина Куманово од донесувањето на Законот во 2011 година, а речиси шест илјади од нив сè уште не се решени. Дополнителен проблем претставува и фактот што значителен дел од предметите немаат комплетна документација, соопшти на последната прес-конференција, градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски. Во општината поднесени се вкупно 26.256 барања за легализација, од кои 5.836 сè уште не се решени. Од нерешените предмети, дури 4.308 се некомплетни, што ја отежнува постапката.
-Законот за легализација донесен 2011 година во три наврати наназад се продолжувани роковите за завршување на таа постапка. Точно 26.256 барања се поднесени во Општина Куманово, од кои 5.836 сè уште не се решени, а 4.308 барања се некомплетни. Постапката ќе продолжи согласно последната измена на законот, која не се однесува на поднесување нови барања за легализација, туку првенствено на завршување на постапките што се веќе отпочнати- изјави Димитриевски.
Тој кажа дека проблемот со бесправната градба не е присутен само во Куманово, туку и во сите општини во државата. Дел од објектите, како што потенцираше тој, се изградени по датумот на донесување на законот и затоа не можат да бидат опфатени со постојната законска рамка.
-Сакам да нагласам дека не само во општина Куманово, туку и во голем број други општини има значителен број дивоизградени објекти кои се изградени по датумот на донесување на законот за легализација и кои не се опфатени со овој закон. Тие се водат како спорни објекти и на листа имаме над 600 такви објекти, за кои не постои економска логика за нивно уривање- рече Димитриевски.
Градоначалникот информираше дека веќе се разговара со претставници на Владата и со коалициските партнери за можноста за ново законско решение кое би овозможило дел од објектите изградени на приватно земјиште, а кои не го загрозуваат јавниот интерес, да добијат можност за легализација.
-Јас како претседател на ЗНАМ веќе разговарав и со премиерот и со останатите коалициски партнери. Работиме на заедничко решение со цел да се изнајде начин најголем дел од објектите изградени на приватни земјишта, а кои не го загрозуваат јавниот интерес, можеби во иднина да бидат опфатени со нов закон за легализација. Но тие не би биле во привилегирана состојба, туку доколку еднаш ја злоупотребиле довербата, ќе треба да го платат најмалку полниот износ на комуналните давачки кон општините и кон државата- изјави градоначалникот.
Тој додаде дека донесувањето на вакво решение ќе зависи од парламентарното мнозинство, но посочи дека би било најдобро тоа да се постигне со поширок политички консензус.
-Би сакал еден таков закон да се донесе со апсолутен консензус, со што ќе се стави крај на дивоградбите во државата. Ќе се дојде до конечна сателитска снимка која ќе биде вградена како акт во законот, со цел да се спречат злоупотребите и преку дивоградба да се доаѓа до имотен лист- изјави Димитриевски.
Тој нагласи дека целта на институциите е да се стави ред во урбаното планирање, но и да се заштити јавниот интерес, додавајќи дека не е целта да се руши, туку да се гради, но и „секој поединец кој задира во државниот и јавниот интерес секако дека ќе се соочи со уривање на бесправно изградениот објект“.