На парламентарната седница проследена со дебати и блокада на говорницата од страна на опозицијата, владејачкото социјалистичко мнозинството со 83 гласа „за“ ги изгласа новите министри во кабинетот на премиерот Еди Рама.
Она што посебно падна во очи е што при гласањето за разрешување на министерката за Европа и надворешни работи, Елиса Спиропали, против беа Сали Бериша и Јозефина Топали од опозициската Демократска партија.
Во врска со новите министри, пратениците на Партијата на слободата на Илир Мета и дел од пратениците на ДП гласаа против, додека повеќето од нив не учествуваа во гласањето.
Нова вицепремиерка е Албана Кочиу, која доаѓа од функцијата министерка за внатрешни работи, додека ресорот министер за инфраструктура и енергетика ќе го раководи Енеа Каракачи, досегашен администратор на Електродистрибуција.
Прв полицаец ќе биде Бесфорт Љамалари, актуелен министер за правда а на негово место е избран Тони Гогу, кој беше министер за односи со Парламентот, каде го заменува Ерјона Исмаили, пратеничка од Валона.
Ферит Хоџа, дипломат од кариера, поранешен амбасадор во ОН и до вчера, кога беше отповикан, шеф на мисијата на Албанија во ЕУ, е министер за Европа и надворешни работи, додека прв човек во одбраната е Ермал Нуфи.
Реконструкцијата на владата Рама ја објави минатиот четврток, предлозите на шефот на државата, Бајрам Бегај, му ди достави во понеделникот, кој вчера потпиша уредба за разрешување на досегашните и именување на новите министри.
Новоизбраните министри заклетва треба да дадат пред претседателот Бегај, со што ја почнуваат функцијата.
Владата “Рама4” беше изгласана во септември минатата година, по парламентарните избори што се одржаа на 11 мај.