Триесетгодишна мајка заедно со своето шестгодишно дете се фрлиле од шести кат од оваа зграда позади мене, која е лоцирана на улицата „Прашка“ во скопски Карпош.
Настанот е пријавен нешто по 14 часот, а надлежните и Обвинителството треба да утврдат што и претходело на оваа трагедија.
Мајката и девојчето починале на лице место по падот. Случајот во полиција првично е пријавен како самоубиство, но од МВР за Канал 5 велат дека делото не може да биде квалификувано како такво сѐ додека не заврши увидот на местото и останатите постапки во координација со надлежен обвинител, особено бидејќи е инволвирано и мало дете.
Членови на семејството кои ги затекнавме на местото зад камерата на Канал 5 велат дека шестгодишното девојче одело на училиште, била прваче, а помеѓу родителите особено
периодов имало кавги. Свекрвата која подолго беше третирана од лекари на Итната медицинска помош кусо, зад објективот сподели дека станот бил заеднички.
Повеќе од два часа улицата беше затворена за возила, полициски службеници на самото мест земаа изјави од сведоци, додека траеше и увидот и се собираа докази.
Од МВР и Обвинителството детали најавија за текот на утрешниот ден кога треба да се знае и самата квалификација дали станува збор за убиство и самоубиство.