Македонија мон продолжува да го истражува случајот

Дете донело нож во ООУ „Киро Глигоров“: Родителите стравуваат за безбедноста на децата, проблемите се туркаат под тепих цели 4 години

Во повеќе одделенија во ООУ „Киро Глигоров“ се бараат вонредни родителски средби, но родителите кои ја контактираа редакцијата на КУРИР обвинуваат дека од страна на директорката е вршен притисок до наставниците да го смират случајот, родителите да престанат да пријавуваат, а родителите на насилното дете да останат заштитени. Кој, кого и од кого се штити? Наместо безбедноста на децата да е врвен приоритет за сите, проблемите се туркаат под тепих.

Дете донело нож во ООУ „Киро Глигоров“: Родителите стравуваат за безбедноста на децата, проблемите се туркаат под тепих цели 4 години

Родители чии деца учат во основното училиште „Киро Глигоров“ во општина Центар, изминатиов период живеат во страв и неизвесност. Дел од нив ја контактираа редакцијата на КУРИР да пријават низа на случувања кои довеле до состојбата да чувствуваат дека децата не им се безбедни на училиште.

Последниот случај ја “прели“ чашата на трпението кое го имаа по низа други случувања. Дете од четврто одделение извадило нож од училишниот ранец, во училница, меѓу другарчињата. Истото дете, според сведоштва на родители, досега неколку пати покажало агресивно и насилно однесување кон соученици. Состојбата со носење на нож во училиште, не е единствениот случај кој е поврзан со него. Минатата година нападнал и другарче од одделението кое е со посебни потреби. Во досегашните напади употребил ножици.

По инцидентот со ножот, била контактирана неговата мајка, која потпишала изјава дека таа го ставила ножот во ранецот на нејзиното дете, по грешка откако правела појадок. Родителите на неговите соученици досега безброј пати покажале разбирање, но по овој случај велат дека “алармот“ мора да остане вклучен.

Како што велат од училиштето, стручните служби работат со ова дете веќе 4 години, но останува отворено прашањето каков напредок е постигнат кога неговото однесување останува исто, а состојбата се влошува.

Во повеќе одделенија во ООУ „Киро Глигоров“ се бараат вонредни родителски средби, но родителите кои ја контактираа редакцијата на КУРИР обвинуваат дека од страна на директорката е вршен притисок до наставниците да го смират случајот, родителите да престанат да пријавуваат, а родителите на насилното дете да останат заштитени. Кој, кого и од кого се штити? Наместо безбедноста на децата да е врвен приоритет за сите, проблемите се туркаат под тепих.

-Подолг временски период моето дете, заедно со останатите соученици, се соочуваат со страв, притисок, физички напади и вознемирување од соученик. Како родител, не се чувствувам пријатно кога секојдневно го испраќам моето дете со страв за неговата безбедност во училиште во кое не се преземаат соодветни мерки за заштита на децата. Особено загрижувачки е инцидентот кога на 09.02.2026година во текот на наставата, конкретниот соученик извадил нож од училишниот ранец. Благодарение на навремената, смирена и соодветна реакција на наставничката, останатите ученици се заштитени и спречен е инцидент со немил исход. Сметам дека по овој сериозен инцидент не беа преземени соодветни, навремени и транспарентни мерки од страна на раководството и стручните служби на училиштето, туку едноставно беше прифатена изјава од мајката дека таа го ставила ножот во ранецот. Загрижува фактот што ова не е изолиран случај со овој ученик, кој повторно е без никаков епилог, освен информација дека стручните служби работат, додека во реалноста ситуацијата значително ескалира. Наместо јасна реакција и конкретни чекори за превенција и заштита, впечатокот е дека училиштето приоритет дава на минимизирање и прикривање на настанот/настаните, наместо на системско решавање на проблемот. Дополнително ситуацијата е отежната и поради нереспонзивноста на родителите на конкретното дете и отсуството на одговорност да се реши проблемот. Не треба да се занемарат и останати инциденти со други ученици од други одделенија (за дел постојат и медиумски објави), за кои најважно на раководството му беше да останат во рамки на училиштните ѕидови. Како родител, сериозно сум загрижена за безбедноста на моето дете и за општата безбедност на учениците во целото училиште, вели родителот кој ја контактираше редакцијата на КУРИР.

Добивме и заеднички писмен став од поголема група на родители, кои изминатиов период стравуваат за безбедноста на своите деца во ова центарско училиште.

„Ние, мнозинство на родители на учениците од одделението при ОУ „Киро Глигоров“, сакаме јавно да ја изразиме нашата длабока и сериозна загриженост во врска со настанот што се случи на 09.02.2026 година, кога на првиот час беше изваден нож од ранецот од страна на ученик од одделението. Според изјавата на мајката, ножот по грешка му бил ставен во ранецот при подготовка на појадокот. Сепак, како родители, не можеме да бидеме уверени во ваквото објаснување и сметаме дека ваков инцидент не смее да се третира како изолиран случај или како безопасна грешка. Ова не е прв инцидент поврзан со истото дете. Напротив, веќе четири години континуирано се соочуваме со сериозни проблеми во однесувањето, кои вклучуваат напади со ножици врз соученици, вербални закани по живот, секојдневен психофизички притисок, вознемирување и константни опструкции во наставата. Наставничката во изминатиот период вложува максимални напори, професионално и посветено, за да ги надмине овие состојби и да обезбеди нормално одвивање на наставниот процес. За жал, впечатокот кај нас како родители е дека раководството на училиштето не презема соодветни, навремени и ефикасни мерки за трајно решавање на проблемот.

Особено загрижува тоа што, наместо системско, транспарентно и одговорно постапување, се создава впечаток дека инцидентите се минимизираат или релативизираат, со цел да се зачува угледот на училиштето, наместо примарно да се заштитат учениците. Дополнително, родителите на проблематичното дете, и покрај ветувањата дека ќе нѐ информираат за секој преземен чекор и ќе соработуваат во насока на надминување на ситуацијата, демонстративно ја напуштија заедничката група на Вајбер, со што дополнително се наруши комуникацијата и довербата меѓу родителите.

Нашите деца сѐ почесто изразуваат страв, вознемиреност и одбивање да посетуваат настава поради неизвесноста како ќе помине нивниот училиштен ден. Прашуваме: каква безбедност им се гарантира на нашите деца во услови кога алармантните проблеми не се решаваат соодветно и навремено? Каков квалитет на образование може да се обезбеди кога наставниот процес се одвива во атмосфера на страв, стрес и постојана напнатост – и кај учениците и кај наставникот? – наведува групата родители.

Безбедноста, достоинството и добросостојбата на нашите деца мора да бидат апсолутен приоритет. Очекуваме од надлежните институции итно, одговорно и транспарентно постапување со цел конечно и трајно решавање на овој сериозен проблем“.

КУРИР побара одговори од директорката на училиштето „Киро Глигоров“, Билјана Билбиловска. Ја прашавме што презема училиштето по последниот немил настан во кој дете донесе нож во училиште, но и дали е направена соодветна проценка по минатите случаи кои се пријавувале за истото дете.

-Во врска со настанот од 9.2.2026 година, училиштето постапи веднаш и согласно законските прописи. Ученикот беше изведен од паралелката, настанот беше пријавен кај директорот, стручната служба, родителите и надлежните институции. Направен е увид од страна на Државен просветен инспекторат и советници од Бирото за развој на образование, при што е констатирано дека училиштето постапи согласно законските акти и интерните правилници. Изготвен е писмен план за поддршка кој вклучува индивидуална работа со психолог и специјален едукатор, засилена опсервација, работа со паралелката на социјални вештини и редовна комуникација со родителите. Преземени се и дополнителни превентивни мерки за безбедност, согласно утврдените процедури. Важно е да појасниме дека во конкретниот случај не беше утврдено заканувачко однесување кон други ученици, ниту намера за повредување. Училиштето останува доследно во обезбедување безбедна, поддржувачка и инклузивна средина за сите ученици, изјави директорката за КУРИР.

Со овој случај е запознаена и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

-Запознаена сум со случајот. Мислам дека денес постапува Државен просветен инспекторат. Тие ќе информираат, ќе состават записник и ќе кажат. И јас сум ги слушнала овие муабети дека директорката ги заштитува родителите и тоа ќе треба, ако овој записник покаже дека има нешто, да се продлабочи и прошири. Службите можат да работат со детето, но функционална проценка на ова дете е неопходна. Ако сево ова е точно, тогаш ќе треба дел од часовите детето да ги помине во друга установа и детето треба да има образовен асистент, рече министерката.

МОН ќе продолжи да го истражува овој случај, училиштето продолжува да твдри дека постапува согласно прописи, но родителите во тоа време ќе продолжат да живеат во неизвесност и страв. Кога безбедноста на децата е во прашање, време за чекање и трпение – нема никој.

Најнови вести од Македонија

To top