Пожар кој денеска избувна во угостителски објект во Кочани предизвика паника кај десетици семејства. Огнот почнал од кујната на објектот, која се наоѓа во склоп на густо населен комплек.
Поранешниот вршител на должност градоначалник, Венко Крстевски, преку своја објава јавно сподели што се случило.
„Денеска во станбено-деловниот комплекс Трговски центар, станбен блок А со 96 станови, избувна пожар од угостителски објект. Станарите поминаа со зачадени домови и огромен стрес“, информираше Крстевски, потенцирајќи ја големината на станбениот блок кој бил под директна закана од пламените јазици.
Тој открива дека во моментот кога избувнал огнот, кујната била целосно празна, што можело да доведе до неконтролирано ширење доколку не се случила една случајност и брзата реакција на пожарникарите.
„Пожарот не се прошири благодарение на навремената интервенција на Територијалната противпожарна единица. Клучен беше фактот што дистрибутер на стока го забележа огнот во кујната… Во моментот на избувнување на пожарот, таму немаше присутен персонал.“
Од МВР за Курир потврдуваат дека околу 11:20 часот било пријавено дека настанал пожар во угостителски објект лоциран во трговскиот центар во Кочани. Полициски службеници излезени на местото на настанот.