Новинарот на Дојче Веле (ДВ) Алиџан Улуда е уапсен во Анкара. Тој е одведен во седиштето на Истанбулската покраинска полиција, највисокото полициско тело во Истанбул.
Дојче Веле, за кого работеше во Турција неколку години, објави дека околу 30 полицајци го уапсиле Улуда во семејниот стан и дека тој треба денеска да се појави пред судија.
По претресот на неговиот стан, неговата опрема е конфискувана. Обвинет е за наводно ширење дезинформации, навредување на претседателот и навредување на турскиот народ, државата и институциите. Обвиненијата, пишува ДВ, се однесуваат на објава на Икс од пред околу година и пол.
Во неа, тој ги критикувал мерките на турската влада, што доведоа до ослободување на потенцијални терористи на Исламската држава. Тој ја обвини владата за корупција. Како долгогодишен судски репортер, тој известува за кршење на човековите права, случаи на корупција и судења.
Генералниот директор на Дојче Веле, Барбара Масинг побара негово ослободување. Според неа, обвинувањата против нивниот колега се неосновани.
– Алиџан Улуда е добро познат истражувачки новинар кој се фокусира на известување за корупција. Тој е многу добро поврзан и има пристап до важни извори. Ова го прави опасен за владата, во нивни очи. Фактот дека новинарот бил третиран како сериозен криминалец, однесен од 30 полицајци директно во Истанбул, претставува намерен чин на заплашување и покажува колку сериозно владата ја потиснува слободата на медиумите. Нашиот колега мора веднаш да биде ослободен“, предупреди Масинг.
ДВ е во контакт со неговото семејство, локалните адвокати и други надлежни органи во Турција.