Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека денес во Министерството за внатрешни работи е примена вредната донација од Сојузна Република Германија, во присуство на амбасадорката Петра Дрекслер. Со ова уште еднаш се потврдува силното партнерство и меѓусебната доверба меѓу двете земји.
Станува збор за опрема во вредност од околу 600.000 евра – моторни и специјални возила, термовизиски камери, компјутери и софтвери, уреди за проверка на документи, која директно ќе придонесе за поефикасна заштита на границите, поуспешна борба против организираниот криминал, трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, како и за унапредување на форензичките капацитети, рече Тошковски.
Тој истакна дека уште поважна е пораката што ја носи оваа поддршка, дека Германија стои рамо до рамо со Македонија во обезбедувањето сигурност и стабилност за нашите граѓани. Преку заедничките обуки и размената на искуства градиме модерна, професионална и европска полиција.
Искрена благодарност до Сојузната полиција на Германија и до Амбасадата на Германија за континуираната поддршка. Продолжуваме заедно да ја јакнеме безбедноста и институциите на нашата држава, потенцира Тошковски.
Денеска во Министерството за внатрешни работи ја примивме вредната донација од Сојузна Република Германија, во присуство…
Posted by Панче Тошковски on Friday, February 20, 2026
„Со обезбедувањето на техничка опрема ја продолжуваме нашата долгогодишна доверлива полициска соработка. Зајакнувањето на капацитетите на Северна Македонија во делот на граничниот надзор, во борбата против трговијата со луѓе, илегалната миграција и прекуграничниот криминал е во наш заеднички европски интерес. Заедно работиме на јакнење на Европа – денес и во иднина.“, истакна амбасадорката Дрекслер.