Членките на Советот за безбедност на ОН повикаа на траен прекин на огнот во Газа и остро ги критикуваа обидите на Израел да ја прошири својата контрола врз Западниот Брег, изјавувајќи дека тие ги загрозуваат перспективите за решение на конфликтот со две држави.
Американските медиуми пренесуваат дека седницата на СБ на ОН се одржа пред првиот состанок на Одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп на кој ќе се дискутира за иднината на палестинските територии.
Пакистан, единствената земја во 15-члениот Совет за безбедност на ОН што прифати покана за приклучување кон Одборот на Трамп, го осуди контроверзниот израелски проект за населување на Западниот Брег и ја нарече одлуката на израелската држава да продолжи со него „ништовна“.
„Тоа е јасно кршење на меѓународното право“, соопшти официјален Исламабад.
„Неодамнешните нелегални дејствија на Израел за проширување на својата контрола врз Западниот Брег се длабоко вознемирувачки“, рече шефот на пакистанската дипломатија, Ишак Дар.
На месечниот состанок на Советот за безбедност на ОН за Блискиот Исток присуствуваа и Велика Британија, Израел, Јордан, Египет, Јордан и Индонезија. Минатата недела, многу арапски и исламски земји побараа состанок на Советот за безбедност за да разговара за ситуацијата во Газа и на Западниот Брег, пред некои од нив да заминат за Вашингтон.
„Анексијата е кршење на Повелбата на ОН и на најфундаменталните норми на меѓународното право“, рече палестинскиот постојан претставник во ОН, Ријад Мансур. „Тоа исто така е во спротивност со планот на претседателот Трамп и претставува егзистенцијална закана за актуелните мировни напори“.
Шефот на израелската дипломатија, Гидеон Саар, рече дека вниманието на светот и меѓународната заедница сега не е насочено кон состанокот на ОН, туку кон состанокот на Одборот за мир.
Првиот израелски дипломат го обвини Советот за безбедност на ОН дека е „заразен со антиизраелска опсесија“, додавајќи дека ниедна земја нема поголеми права од „историски потврдените права (на Израел) кон библиските земји“.
Состанокот на Советот за безбедност на ОН првично беше закажан за денеска, но беше поместен еден ден претходно откако Трамп го закажа својот состанок на Одборот з амир за денеска, што им отежнува на дипломатите кои сакаат да присуствуваат на двата форума да се состанат. Но, тоа беше и знак за потенцијално преклопување, па дури и конфликт меѓу агендите на двете организации, и пред сè, знак за доведување во прашање на улогата на најважното тело на ОН од иницијативата на Трамп, која од тело за следење на почитувањето на прекинот на огнот во Газа прерасна во иницијатива за решавање на конфликтите низ целиот свет, забележуваат американските медиуми.
Постојаниот претставник на САД во ОН, Мајк Волц, ги критикуваше земјите што не се приклучија на Одборот за мир, велејќи дека за разлика од Советот за безбедност на ОН, тој „не само зборува, туку и дејствува“.