Поимот „проблеми со таткото“ често се споменува во популарната психологија и се однесува на тешкотии кои произлегуваат од нарушениот однос со татковската фигура.
Иако многумина во одреден животен период чувствуваат напнатост во тој однос, кај некои таа станува пречка во поврзувањето со другите и со самите себе.
Понекогаш овие обрасци несвесно се користат како изговор за избегнување на одговорност и соочување со раните. Дополнителен проблем е што луѓето честопати не се ни свесни за нивното постоење. Меѓутоа, постојат знаци кои упатуваат на тоа дека некој носи последици од таквиот однос, пишува „YourTango“.
Ги привлекуваат емоционално недостапни партнери
Несвесно ги бираат лицата кои не се подготвени за блискост. Сакаат сериозна врска, но завршуваат во недефинирани односи кои ретко траат. Ги привлекуваат партнери кои се плашат од ранливост и љубов. Истражувачот на трауми Бесел ван дер Колк истакнал дека кога се нарушени раните односи на приврзаност, мозокот тежнее кон познати обрасци – дури иако предизвикуваат болка.
Комплициран однос со таткото
Таткото можеби бил отсутен, починал, бил насилен или премногу критичен, поради што детето се чувствувало недоволно добро. Таквите искуства ги обликуваат подоцнежните партнерски односи. Последиците не исчезнуваат сами, туку бараат свесно работење на себе.
Страв од поврзување
Кога односот ќе стане сериозен, се повлекуваат. Избегнуваат подлабока блискот, го прекинуваат контактот без објаснување и тешко зборуваат за чувствата. Попрво ќе ја прекинат врската отколку да ризикуваат отфрлање. Истражувањето објавено во 2024 година во списанието „Stress and Health“ покажало дека жените кои биле емоционално оддалечени од таткото почесто развиваат анксиозна поврзаност и страв од разделување, што неретко резултира со отфрлање од партнерот.
Проблеми со довербата
Недоследноста и прекршените ветувања оставаат длабока трага. Лицето постојано ги преиспитува мотивите на партнерот и бара знаци на недоверба, наместо да гради блискост, а притоа станува затворена и воздржана.
Прекумерно вложување во врската
Чувството на помала вредност ги поттикнува на прекумерно докажување. Даваат повеќе отколку што добиваат, се согласуваат на компромиси и преземаат одговорност за односот. Психотерапевтката Марни Феуреман вели дека лицата со несигурен стил на приврзаност често вложуваат преголем труд за врската да опстане по секоја цена.
Саботирање на здрави односи
Иако копнеат по љубов, се плашат од губење контрола и можно разочарување. Во стабилна врска се фокусираат на недостатоците, провоцираат конфликти или заминуваат пред да бидат напуштени. Понекогаш прават нешто што го нарушува нивниот однос, потврдувајќи го сопствениот страв од блискост.
Овие шест знаци можат да упатуваат на неразјаснети тешкотии поврзани со вашиот однос со таткото. Препознавањето на овие обрасци е првиот чекор кон поздрави односи и личен раст.