Продолжувам со анализата за распадот на СДСМ, или поблаго кажано со ненаучените лекции на македонската социјалдемократија. Зошто му се случува, тоа што му се случува на СДСМ? Па затоа што во своето владеење не покажа и не понуди квалитетни политики и ефикасни алатки за нивно ефективно реализирање.. Тоа е отсуство на умеење и немање на компетентност, две претпоставки за водење на партиска и државна политика. Значи, во изминатиот период на СДСМ му недостасуваа вистински алатки, кои ќе значеа соодветни одговори и ефикасно справување со социо-економските, политичките и културолошките предизвици со кои се соочи Македонија во овие динамични и турбулентни времиња на потреси, промени и несигурности. Не успеа македонската социјалдемократија да се ослободи од самонаметнатите ограничувања, за кои самата е виновна. Не обезбеди услови за пристојна работа на македонскиот работник, платите не беа правични, социјалната сигурност се наруши, националните и државни интереси не беа заштитени и можностите за напредување и прогрес се испуштија, а некои велат се прокоцкаа.
И што добивме од владеењето на СДСМ? Неконзистентно зборување и однесување, што резултираше со неисполнување на изборните ветувања и со големи државнички промашувања. Се се сведе на неодржливост на владеењето на СДСМ. Нормално беше да се помисли за темелна реформа на партијата и на нејзините партиски, политички и државнички политики.
Денес СДСМ се наоѓа во сенката на своето минато. А таму позицијата не е комотна, ниту пак посакувана. Тоа е непосакувано минато. Минато кое не носи ништо добро за СДСМ и за нејзината позиционираност на политичката сцена во Македонија. А во изминативе 8 години владеење на СДСМ, видовме дека не донесе ништо добро и за Македонија. СДСМ никако да изнајде и понуди соодветен, модерен и прогресивен приод на создавање и практикување на партиски и државнички политики. Одржа конгрес(наречен конгрес на отчет, ама немаше ниту отчет, ниту понудена одговорност, ниту предлози за излез од незавидната позиција на политички губитник), ама не видовме нови социјалдемократски вредности. Што видовме на конгресот? Лидерот и раководството на/за конгресот констатираа дека вредностите на партијата се како армија, дека партијата е лек за национализмот, а за омразата се врзивно ткиво. Чудна диоптрија!?
Видни интелектуалци, членови на партијата и луѓе од минатите раководства, пак конграсот го нарекоа “театар на апсурдот без смисла и катарза“, “празна сала по завршена претстава без публика“, “во СДСМ нема критичка мисла“, “не се менуваме, ама затоа ќе се маргинализираме“ и сл. И сега кој е во право? Каде е вистината? Што вели реалноста?
Сепак мислам дека на конгресот немаше ниту трага од програма за партиски политики. Едноставно тоа беше пропуштена шанса да се направи искристализиран, прогресивен приод за програма за 21-от век, што потоа на јавноста требаше да и се презентира како нешто суштински поразлично од она што го нудеа Зоран Заев и Димитар Ковачевски, поранешни партиски лидери и премиери на Владата на Република Македонија, кои ја закотвија СДСМ на дното од политчката лествица(во смисла на политики, политички натпревар и изборно одмерување со конкурентите).
Се ми се чини дека кризата на и во СДСМ е многу подлабока отколку што на прв поглед се мисли. Кризата не е само од организационен и функционален карактер. Напротив, се работи и за идентитетска и морална криза, која е многу потешка криза. Тоа е криза на немање социјалдемократска доктрина. Криза во која не знаеш што е живо, а што “мртво“ во СДСМ. Има ли шанси и услови за подобрување на социјалдемократските перспективи? Прашања и многу и тешки, а одговори, сега-за-сега, нема.
Можеби прво што треба да направат социјалдемократите, е да го вратат изгубениот партиски и политички кредибилитет. Прашање за милион долари: го може ли тоа ова раководство на СДСМ? Има ли Венко Филипче лидерски капацитет и визија за една ваква тешка, многу тешка задача?
Не знам, не сум сигурен. Чинам, некако им недостасуваат искреност(кон самите себе и кон другите), умеење и искуство. Безмалку сите од раководството на СДСМ ми делуваат некако збркани, хаотични, несредени и крајно нефокусирани на битните партиски задачи и политички прашања. Истовремено, префокусирани се на маргинални, споредни и небитни работи. Погубни се упорните минимизирања на неуспесите и игнорирање на напластените проблеми.
Значи, потребна е една многу битна промена: промена на курсот. Неопходно е да се фати оној вистинскиот, социјалдемократски курс. Ајде ќе бидам конкретен и практичен: СДСМ треба да се избори за свој нов, модерен и современ идентитет. За тоа пак е потребна нова прогресивна програма за 21-от век – програма за “нова левица“. Така(со нов идентитет и прогресивна програма) ќе се создаде толку неопходниот идеолошки и политички кредибилитет, кој на крајот ќе донесе свеж и обновен социјалдемократски имиџ. Така се создава позитивен политички публицитет. Од тука натаму дејствува една алатка(Закон за позитивен публицитет), чие создавање и практицирање во политичкиот брендинг е најдрагоцено, најпосакувано нешто, за успех во политиката.
(продолжува)
Сотир Костов
