Три лица, меѓу кои и сопственикот на фабриката „Виоланда“ во грчкиот град Трикала се уапсени и денеска ќе бидат изведени пред јавен обвинител за експлозијата и пожарот во понеделникот наутро во кој животот го загубија пет работнички, јави дописничката на МИА од Атина.

Од противпожарната служба на Грција соопштија дека припадници на Дирекцијата за истрага на кривични дела поврзани со подметнување пожари (ДАЕЕ) уапсиле три лица „за дејствија и пропусти поврзани со кривични дела што се однесуваат на убиство од небрежност, тешки телесни повреди, подметнување пожар и експлозија, во деловен објект во општина Трикала“.
Според грчките медиуми, уапсени се сопственикот на фабриката, техничарот за безбедност при работа и дежурниот техничар.
Грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на свои извори пишува дека двајца од тројцата вештаци назначени од ДАЕЕ за да го истражат местото на трагедијата, заклучиле дека експлозија од ваков обем, што го уништи погонот на фабриката за бисквити, може да биде предизвикана исклучиво од истекување на пропан, а дополнително, еден од вработените кој бил на смена рекол дека пред експлозијата се чувствувал мирис на гас во просторот за производство, каде што се наоѓале и печките.

Весникот „Катимерини“ пишува дека не постоеле сензори за откривање на евентуално истекување на гас во објектот, а при увидот на местото на експлозијата била пронајдена дупка на цевките што пропанот го пренесуваат од резервоарите поставени во дворот до печките во погонот.
Дупката била откриена во подрумски простор, односно, како што објави весникот, токму таму каде што уште од првиот момент припадниците на Противпожарната служба проценуваа дека се наоѓа жариштето на експлозија.
Пожарот во фабриката избувна во понеделникот околу 4 часот наутро по силна експлозија во објектот за време на ноќната смена со 13 вработени во погонот за производство и печење бисквити, а животот го загубија пет работнички, додека седум лица беа полесно повредени.