Петре Шилегов отвори можност најавениот Конгрес на СДСМ во сабота, да не биде успешен или во најмала рака е нетранспарентно подготвен поради отсуството на предлог заклучоци до општинските организации.
-Ова ќе биде трет по ред конгрес, еден неуспешен, еден неодржан, ова е сега закажан и не знам навистина како ќе заврши. Ние немавме отчетен конгрес за причините за поразот на СДСМ на изборите во 2021 после локалните избори, согласно статутот мораше да има Конгрес. Тој не се одржа. После парламентарните избори 2024 пропадна Конгресот. Сега се одржува Конгрес, ние сме среда вечер, од оние сознанија кои јас ги имам од теренот, до делегатите на Конгресот и до општинските организации на СДСМ не се испратени конгресните материјали, не се испратени предлог заклучоците, нити се испратени предлог политичките одлуки кои што треба да бидат разгледувани и донесени на самиот Конгрес. Патем кажано, согласно статутот од нашата партија Општинските Организации треба да ги разгледаат материјалите и предлог заклучоците, да донесат свое видување и да ги задолжат делегатите кои ги претставуваат тие општински организации на самиот Конгрес и да заземат став. Ако вие немате одржан Централен Одбор во функција на подготовка на Конгрес, ако немате доставено документација до ОО, до делегатите со предлог на политички заклучоци, тогаш за каква дебата всушност може да стане збор на самиот Конгрес, рече Шилегов на гостувањето на Топ Тема.
Според Шилегов, последните резултати на локалните избори на листите на советници покажуваат стотина илјади гласови и тоа значи дека свесно се води партијата кон нејзино исчезнување.
Тој посочи дека во разговорот со лидерот Венко Филипче, му било посочувано дека тоа се добри резултати, но според Шилегов е недозволиво СДСМ да биде петта партија во Скопје, трета во Куманово, трета во Штип и Велес.
-Согласно статутот претседателот на партијата е тој кој што го дава конечниот збор или изборот на кандидатите за градоначалници. Не може вие да барате одговорност од сите околу себе, што патем и ја немаше бидејќи се изврши „шминкање“ на извршниот одбор, а вие сте тој кој што сте ги номинирале луѓето кој што го доживеа тој дебакл, рече Шилегов и дополни дека не може граѓаните и кандидатите да бидат криви, а раководството да не понесе одговорност.