Претседателот на САД, Доналд Трамп вечерва објави дека нема да воведе казнени царини од следниот месец, бидејќи со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се договорил за контурите на договорот за иднината на Гренланд и за целиот арктички регион.
Трамп додаде дека решението ќе биде одлично за САД и за сите земји-членки на НАТО.
-Врз основа на многу продуктивниот состанок што го имав со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, воспоставивме рамка за иден договор во врска со Гренланд, но всушност и за целиот арктички регион. Ова решение, доколку се склучи, ќе биде одлично за САД и за сите земји-членки на НАТО. Врз основа на ова, нема да ги воведувам царините што требаа да стапат во сила на 1 февруари, објави Трамп на неговата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth social).
Тој додаде дека ќе се разговара за проектот „Златна купола“ на Гренланд.
Трамп истакна и дека во преговорите ќе учествуваат потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и други. (МИА)