Свет економски форум

Фон дер Лајен: Мора да препознаеме дека промената во светот е трајна и да изградиме нова независна Европа

Светот можеби е многу поразличен денес, но верувам дека геополитичките шокови можат и мора да послужат како можност за Европа. Според мене, сеизмичката промена низ која поминуваме денес е можност, всушност неопходност, за изградба на нова форма на европска независност, изјави Фон дер Лајен во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос.

Фон дер Лајен: Мора да препознаеме дека промената во светот е трајна и да изградиме нова независна Европа

Духот на дијалог како оригинална идеја на првиот состанок на Светскиот економски форум во Давос во 1971 година сега е уште поважен во свет што е поподелен и поразделен од кога било досега, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

– Светот можеби е многу поразличен денеска, но верувам дека геополитичките шокови можат и мора да послужат како можност за Европа. Според мене, сеизмичката промена низ која поминуваме денеска е можност, всушност неопходност, за изградба на нова форма на европска независност, изјави Фон дер Лајен во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос.

Според неа, речиси незамисливиот обем на промените ја поттикнува Европа да дејствува и се движи брзо, но таа мора да препознае дека оваа промена е трајна.

– Носталгијата е дел од човечката природа. Но, носталгијата нема да го врати стариот поредок. Играњето на време и надежта дека работите наскоро ќе се вратат на старо, нема да ги поправи структурните зависности што ги имаме. Значи, мојата поента е: Ако оваа промена е трајна, тогаш и Европа мора трајно да се промени. Време е да се искористи оваа можност и да се изгради нова независна Европа, нагласи Фон дер Лајен.

Осврнувајќи се на случувањата околу Гренланд, таа нагласи дека Европа целосно ги споделува целите на САД кога станува збор за безбедноста на арктичкиот регион, која, како што рече, може да се постигне само заеднички.

– Затоа предложените дополнителни царини се грешка, особено меѓу долгогодишните сојузници. ЕУ и САД се согласија на трговски договор минатиот јули. И во политиката како и во бизнисот – договор си е договор. И кога пријателите се ракуваат, тоа мора да значи нешто, рече претседателката на ЕК.

Според Фон дер Лајен, ЕУ ги смета Американците не само за сојузници, туку и за пријатели, но тие ги туркаат меѓусебните односи во опасна надолна спирала, од која корист би имале само противниците на Унијата и САД.

– Затоа, нашиот одговор ќе биде непоколеблив, обединет и соодветен. Но, надвор од ова, мора стратешки да пристапуваме кон ова прашање. Затоа работиме на пакет за поддршка на безбедноста на Арктикот, рече Фон дер Лајен.

Според неа, тој пакет го опфаќа принципот дека суверенитетот и интегритетот на Гренланд и Данска не се предмет на преговори, предвидува европски инвестициска поддршка за раст на гренландската економија и инфраструктура, како и зајакнување на пошироката безбедност на Арктикот и на безбедносни партнерства на ЕУ со партнери како Велика Британија, Канада, Норвешка и Исланд.

– Верувам дека Европа треба да се прилагоди на новата безбедносна архитектура и реалностите со кои се соочуваме сега. Затоа Европа подготвува своја безбедносна стратегија, која планираме да ја објавиме подоцна оваа година. Во сржта на ова ќе биде фундаменталниот принцип: Суверените луѓе треба да одлучат за својата иднина, рече Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека Европа работи и на изградба на нови трговски партнерства, како она со Договорот ЕУ-Меркосур, кој ја создава најголемата зона на слободна трговија во светот, и сличните договори со Мексико, Индонезија, Швајцарија, Австралија, Филипините, Тајланд, Малезија и други.

– Веднаш по Давос, ќе патувам во Индија. Сè уште има работа, но на прагот сме на историски трговски договор. Тој би создал пазар од две милијарди луѓе, што претставува речиси една четвртина од глобалниот БДП. И, што е клучно, тоа би обезбедило предност на Европа, со една од најбрзо растечките и најдинамичните економии во светот. Европа секогаш ќе го избира светот, а светот е подготвен да ја избере Европа, рече Фон дер Лајен.

Според неа, Европа ги има сите средства што ѝ се потребни за да привлече инвестиции, вештини и иновации и работи на создавање поволна и предвидлива регулаторна средина, па затоа наскоро Еврокомисијата ќе предложи нов пристап со цел е да се создаде нова вистински европска структура на компании.

– Ние го нарекуваме „ЕУ Инкорпорирана“. Ни треба единствен и едноставен сет правила што ќе се применуваат беспрекорно низ целата наша Унија за да може бизнисот да работи низ земјите членки многу полесно… Ако го направиме ова како што треба и доволно брзо, не само што ќе им помогнеме на компаниите од ЕУ да растат, туку ќе привлечеме и инвестиции од целиот свет, рече Фон дер Лајен.

Таа се осврна и на изградбата на Унијата за штедење и инвестиции и на меѓусебно поврзан и достапен пазар на енергија, што, според неа, ќе го поттикне европскиот економски раст, ќе донесе резултати за Европејците и ќе ја обезбеди независноста на Европа.

– Сето ова би било незамисливо до пред неколку години, но покажува како економијата и националната безбедност се поповрзани од кога било досега. Тоа е најважно кога станува збор за безбедноста на нашиот континент, рече Фон дер Лајен.

Во тој контекст таа се осврна на руската агресија врз Украина, оценувајќи дека и речиси четири години по нејзиниот почеток, Русија не покажува знаци на смирување, каење или мир, туку напротив ги интензивира своите напади.

– Тоа мора да заврши. Сите сакаме мир за Украина. Ја признаваме улогата на претседателот Трамп во поттикнувањето на мировниот процес и ќе соработуваме тесно со САД. Украина мора да биде во позиција на сила. Европа секогаш ќе стои зад Украина, додека нема праведен и траен мир, порача Фон дер Лајен.

Најнови вести од Свет

To top